Златен медал за „Етно село Тимчевски “

Комплексот “Етно село Тимчевски” доби златен  медал за квалитет на услугата, во категоријата за етнотуризам, на 49. Меѓународен саем за туризам, одржан во Нови Сад. Иако првпат учествува на саемот  за угостителски и туристички понуди , Етно село успеа како резултат на најквалитетната  туристичко- гастрономска етно понуда  во конкуренција на 200 туристички комплекси на хотели и угостителски објекти од  десетина земји од балканот да се закити со ова признание. Како што велат од комплексот, за оваа награда заслужен е целокупниот персонал вработен во Етно село, кој функционира веќе седум години.

-Имаше многу големи  туристички понуди од целиот Балкан. За нас беше огромно значењето за добивање на оваа награда и се разбира за сето тоа не само што е заслужен водечкиот тим на Етно село Тимчевски туку е заслужен целиот персонал вработен токму овде затоа што со самото отворање на комплексот емисијата Вкусот на традицијата егзистира и постои.  Овде ни е  базата исто така седум години и бескрајно сум благодарна на целиот тим во кујната, персоналот кој што ги опслужува потребите на ресторантскиот дел,  без нив не би можеле толку добро и толку квалитетно да опстоиме и затоа мислам дека оваа награда е заслужена, изјави Адријана Алачки, автор на емисијата „Вкусот на традицијата “

Во текот на саемот од 29 септември до 01 октомври биле организирани презентации, стручни дебати и панел дискусии со цел да се споделат искуствата и да се запознаат спецификите на одделните видови на туристичката и на гастрономската понуда.

– Имаше и панел дискусии, се изложуваа  многу вкусни производи, беше присутна и Високата угостителска школа за туризам од Сремски Карловци која е една од  најпознатите во просторите на бивша Југославија,  имаше ученици што ги изложуваа и ги презентираа најновите гастрономски достигнувања . Ние имавме видео презентација за комплексот понатаму беа промовирани здрави производи , мед сирење, кашкавали, винарски индустрии, ракотворби, производи од  волна , туршии, зимници, слатка, зеленчуци, изјави Адријана Алачки, автор на емисијата „Вкусот на традицијата “

„Етно село Тимчевски“  има можност  месецов на 18 и 19 –ти  уште еднаш да го докаже својот квалитет  на првиот Интернационален гастрономски натпревар Македонија 2016 –та што ќе се одржи на Скопскиот саем. На натпреварот со повеќе од 200 учесници од целиот свет  специјалитетите  ќе ги оценуваат 25 светски гастрономски судии. Овој натпревар е во организација на Националната асоцијација на готвачи од Македонија  „ГАСТРО МАК “ , која е и членка на  Светската асоцијација на шефови на кујни.  Право на учество имаат  сите професионални готвачи од Република Македонија кои можат да  аплицираат и он лајн на страницата на здружението „ГАСТРО МАК“.

 

 

Коментари

коментар(и)