smart
Здружението за планинарење и заштита на планината ,,Козјак 2013″ претстојната недела ќе ја изведе традиционалната клупска акција на матичната планина Козјак по повод националниот празник 11-ти Октомври.
Годинава акцијата ќе биде во селото Кокино кај познатата мегалитска опсерваторија.
Акцијата ќе започне во 08 часот од боровата шума во селото Жегљане,каде има место за паркирање, а оние кои не го знаат патот, може да дојдат во 07 часот пред ресторан ,,Жмара” на булеварот „Октомвриска револуција” за заедничко тргнување.
– Од појдовната точка кај боровите се спушатаме кон река Бистрица, која често во сушен период речиси пресушува, значи проодна е, а патот води низ мешана шума. Се качуваме кон селото Малотино и околу 11 часот до врвот Вирови (околу 1.200 м.н.в.) каде се прави поголема пауза за закуска, одмор, фотографирање, појаснуваат од здружението.
На спуштање од врвот акцијата продолжува кон селото Кокино, а попатно се прават пократки паузи по потреба.
– На крај кај самата карпа има поголема пауза и сите заедно најдоцна до 15 часот тргнуваме накај местото наречено Крст, над селото Кокино, каде има место и за паркирање и која е завршна точка на акцијата. Значи, патеката е кружна, со напомена дека колите се оставаат кај Жегљане и на ваќање од Кокино до колите има околу 3 км пешачење по асфалт, а оние кои ќе дојдат со комбе, во договор со возачот, ќе можат да си тргнат од завршната точка Крст кај Кокино, стои во соопштението.
Патеката е уредена и средно тешка, долга околу 16 километри, но нема вода на истата, затоа од ЗПЗП „Козјак 2013“ апелираат до учесниците да понесат доволно за сопствени потреби.
– Исхраната е од ранец, опремата е според временските услови, задолжително гојзерки, а не патики, превентивно кабаница и на акцијата ќе има водичи кои ќе се грижат за реализацијата на целата акција. Доколку времеските услови се непогодни за нашата акција, истата ќе биде одложена и ќе бидете навремено известени, иако засега временските услови се оптимални, велат организаторите.
Пријавувањето трае до петок (14.10. 2022) на телефонските броеви: 070 603 344 (Стево) и 078 296 302 (Зоран).