Пред нас е можеби најтешката зима по Втората светска војна, но ние сме целосно подготовени да се справиме со сите предизвици, истакна во својот говор пред членовите и симпатизерите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, лидерот на партијата, Димитар Ковачевски, кој присуствуваше на традиционалниот пикник на Спомен Костурница, по повод 11-ти Октомври.
Ковачевски рече дека СДСМ како државотворна партија ги штити интересите на граѓаните.
-Презедовме навремени и ефикасни чекори за побрзо и полесно надминување на последиците, со што помалку штета по граѓаните, економијата и државата. СДСМ и во оваа криза уште еднаш ќе покаже пример како се работи посветено, чесно и одговорно за својата држава и за граѓаните. Сите предизвици заеднички ќе ги минеме, и да бидете горди што сте членови на СДСМ, тоа е партијата која обезбеди независност заедно со граѓаните на државата. Тоа е партијата која во 2001 беше разумот во оваа држава, кога го правевме охридскиот рамковен договор. Тоа е партијата која што ги направи односите со соседните држави да доликуваат на односи со соседни држави. Тоа е партијата која што ја внесе државата во НАТО и обезбеди почеток на преговорите за членство во Европската унија. Со чист македонски јазик, заштитет македонски идентитет и историските прашања надвор од преговарачката рамка-истакна лидерот на СДСМ.
Тој на членовите им рече дека се дел од прогресивна партија, која државата ќе ја води напред, кон подобра иднина. Целта е членството во Европската унија.