Ивановски: Каде и како се трошат народните пари ?

Интегрална изјава од Срѓан Ивановски, портпарол на ОК ВМРО ДПМНЕ, Куманово

-Основна обврска на секоја одговорна власт во секоја одговорна држава треба да биде отчетот. Параметар за тоа како се спроведуваат проектите, сервисирање на обврските и услугите кон граѓаните. Одговорност за тоа каде, како и колку се трошат народните пари. СДС и Дамјановски не користат параметри како отчетноста, одговорноста и транспарентноста, според тоа спаѓааат во категорија на неодговорна власт и несериозна политичка партија.

Граѓаните ги прочитаа нивните лаги и манипулации. Дамјановски и СДС во Куманово 12 години се на власт и за целиот тој период на нивното владеење не се оправдаа пред граѓаните каде и како се трошат народните пари, што е направено со нив, а што допрва ќе се инвестира. Дамјановски не излезе со отчет и не кажа кои проекти ги има направено од програмата, на кој проект е највеќе горд и од кој проект граѓаните имаат највеќе корист.

Градоначалникот е недоследен на ветувањата и на сите проекти и приоритети кои ги ветува со години. Правдањето дека нема доволно средства не е точно. За 12 години владеење на СДС и Дамјановски потрошија буџет од околу 15 милијарди денари, народни пари кои ги трошат по скапи ресторани, одмори со службени возила и слично. Доколку беа малку одговорни и принципиелни ќе се реализираа нешто од програмата и ќе им останеше и за нови непредвидени проекти.

Градот стагнира и назадува од секој аспект. Граѓаните гневни веќе прашуваат каде одат нивните пари, кога не гледаат ништо ново да се гради низ Куманово. Колегите на Дамјановски од другите градови имаат годишни отчети на стотици страници реализирани капитални проекти во нивните општини. За жал, тоа во Куманово не е пракса.

Причината е јасна. Од корумптивните кадри кои ги има СДС и Дамјановски немаат со што позитивно да излезат и да се пофалат. Ветувањата останаа само на хартија, а парите на граѓаните само на кафански фактури по општината и јавните претријатија. Дамјановски и СДС се цела вечност на власт, мора да ја понесат одговорноста за тоа што градот тоне и стагнира од секој аспект.

Го повикуваме Дамјановски да излезе во неговото продолжение на мандатот и да каже на граѓаните на Куманово, што има направено за градот и до кога мисли да држи над 100 000 граѓани на Куманово во залоништво, изјави  Срѓан Ивановски, портпарол на ОК ВМРО ДПМНЕ, Куманово

 

Коментари

коментар(и)