Изгоре кров на напуштена куќа

Пожар избувна вчера во 20 часот во напуштена куќа на улица Димитар Влахов, лоцирана во близина на Стара црква. Огнот го зафатил покривот и дел од внатрешноста на објектот. Според очевидците станува збор за стар и руиниран објект, напуштен повеќе од десет години. Тие посочуваат дека таму во доцните вечерни часови се собираат наркозависници и бездомници. Соседите велат дека живеат во страв бидејќи очекуваат дотраената конструкција да падне во нивниот двор и да им направи поголема штета. Тие додаваат дека неможат да стапат во контакт со сопствениците и да им укажат за проблемот.

-Избувна пожар во стара напуштена куќа  во близина на куќата на мојата мајка, за среќа ја разбудија соседите инаку и таа можела да настрада. Не е прв пат да има пожар тука, пред два месеци имаше пожар но соседите го гаснеле, а се собираат и наркозависници. Сеуште има чад може во секој момент повторно да се запали чекаме надлежните да направат увид, вели Маргица Бошковска, очевидец.

Според надлежните, во пожарот нема повредени лица, но причинета е материјална штета. Оттаму додаваат дека во гасењето учествувале седум пожарникари со две противпожарни возила.

-Пожарот е локализиран за половина час, а целосно е ликвидиран во 23 часот кога дефинитивно е завршен пожарот и екипата е повлечена од терен .Се работи за густо населено место и беше оставена екипа на догасување, нема никаква опасност од повторно појавување, вели,  Деан Илиевски командир на ТППЕ.

Граѓаните кои живеат во близина на напуштениот  објект кој синоќа беше опожарен  објаснуваат дека пред два месеци биле сведоци на истата сцена но тогаш пожарот бил во помали размери. Тие  повеќепати алармирале до надлежните за опасноста од целосно уривање на дотраената куќа која истовремено е дива депонија и извор на заразни болести.

-За куќата повеќе пати поднесувавме барања до Општината, уште пред две години со петиција од граѓани дека треба да се сруши бидејќи е опасност за минувачите. Посебно опасност за нашата куќа, за моите деца и мојата фамилија но сеуште ништо не е преземено. Пред два месеци повторно поднесовме барање им рековме дека ако нешто се случи некој ќе сноси одговорност но сеуште немаме добиено никаков одговор, а сега се поголеми шансите куќата да падне. Повторно ќе поднесеме барање, ќе земеме потврда од пожарна дека е настанат пожар и ќе видиме што ќе направиме, објаснува Бошковска.

Од комуналната инспекција при општина Куманово по излегување на терен изготвиле записници дека објектот е склонопаден и истите ги упатиле до секторот за урбанизам, а оттаму чекаат одобрение за уривање. Тие посочуваат дека  по заклучок за дозвола за извршување ќе можат да го урнат  објектот доколку сопствениците самоиницијативно не превземат мерки.Од секторот за урбанизам, пак, не беа воопшто расположени да разговараат за овој проблем, туку само кратко одговорија дека го проследиле барањето и ќе постапуваат согласно обврските

Коментари

коментар(и)