УМС ВМРО-ДПМНЕ: Кумановци со маски да шетаат на Градскиот кеј

Унијата на млади сили на Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ на саркастичен начин упати критика до локалната самоуправа дека не се грижи за јавните површини. Тие им препорачаа на граѓаните кога шетаат по Градскиот кеј задолжително да користат маски за да спречат вдишување на бактерии.

-Шеталиштето на Кејот е во катастрофална состојба, со искршени бекатони и големи дупки, а воедно изобилува со големи количини на смет од кој се шири непријатна миризба. Но тоа не е се, кејот не е осветлен во текот на вечерните часови го чуваат кучиња скитници кои не секогаш дозволуваат граѓаните да се движат по него. Огромните треви кои што се израснати се природни змијарници во текот на топлите летни денови и никој не ги коси се додека не се исушат самите по природен пат-изјави потпретседателот на УМС Никола Перовиќ.

Младите од ВМРО ДПМНЕ потенцираа дека во иста состојба се и Градскиот и соколанскиот парк.

-Ѓубрето и сметот што се прават околу контејнерите се огромен проблем за граѓаните, но ако се земе дека можеби миризбата од тие депонии е оставена за да ги брка змиите од некосените треви, тогаш не би сакале да се мешаме во оваа постапка на општината. Градскиот и соколанскиот парк се запуштени и не се наводнуваат со што тревата веќе е исушена и нема никакво природно растение-додаде тој.

Од УМС на ВМРО ДПМНЕ истакнаа дека на младите во Куманово веќе им е смачено да го гледаат градот како од ден во ден се повеќе се уништува и затоа повикаа градоначалникот да не ги заборави овие проблеми.

 

Коментари

коментар(и)