Куманово, Скопје и Тетово ќе бидат првите градови кои ќе добијат камери кои ќе ги ловат возачите кои ќе сторат сообраќајни прекршоци.
Како што најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на платформата „100% посветени за тебе на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“во Владата, се очекува камерите да бидат поставени и проектот финално да започне во текот на 2025 година.
Но, пред тоа да се случи, Тошовски најави првин законски измени.
– Измените се однесуваат на воведување на нови членови во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои директно се однесуваат на сопственикот на возилото (или оној со правото на користење на возилото) со кое е сторен сообраќајниот прекршок, рече министерот.
Сообраќајниот прекршок, како што појасни Тошковски, ќе биде документиран со соодветни технички средства и уреди за снимање при што на сопственикот на возилото ќе му биде доставен соодветен поднесок за сторениот сообраќаен прекршок.
Дорегулирањето на постапката за заштита на личните податоци е во тек.
Системот ќе регистрира сообраќајни прекршоци како што се минување на затворен сигнал (црвено светло), возење со брзина поголема од дозволената и непрописно паркирање со крајна цел зголемување на сообраќајната култура и намалување на сообраќајните несреќи со човечки жртви чии бројки се очекува драстично да се намалат.