ВИДЕО: Куманово со парична помош за Турција и Сирија

Општина Куманово ќе одвои еден милион денари за помош на настраданото население од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија.  Ова го одлучи Советот на денешната вонредна седница во знак на солидарност.

Од средствата на Буџетот на Општина Куманово за 2023 година, од Програмата АОО – Совет на Општина Куманово, ставката 413 – Тековни резерви (разновидни расходи), да се исплатат парични средства во износ од 1.000.000 денари, со намена – помош за настраданото население од катастрофалниот земјотрес во Турција и Сирија кој се случи на 06 февруари 2023 година. Средствата во износ од 1.000.000 денари ќе бидат распоредени по 500.000 денари на двете држави-информираше секретарот на општината, Александар Гелевски.

Координаторката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Елена Доцевска Божиновска истакна дека советниците, едногласно дале поддршка кога бил даден предлогот за оваа седница.

-Посакувам ова да е прва и последна седница во овој мандат, на која имаме повод и причина да донесеме ваква одлука, да дискутираме за катастрофа од енормни размери, непроценета штета. Посакувам општината да беше помоќна, и да можевме многу повеќе да пружиме. Секој советник во овој состав, ме радува што даде поддршка и во истиот миг кога беше даден предлог за една ваква седница. Солидарноста и емпанијата се и треба да останат основа во одредени мигови. Во името на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата упатувам најискрено сочувство до турскиот и сирискиот народ. Градовите кои се погодени што поскоро да го нормализираат секојдневието, и да нема повеќе вакви катастрофи-рече таа. 

Претседателката на Советот, Ивана  Ѓорѓиевска истакна дека Куманово е познат како град по својата хуманост. Не е прв пат Советот да носи одлуки за помош на настрадани и штети од елементарни непогоди.

-Материјалните средства кои ги оделивме кои за нас се битни, но за ваква катастрора се минорни, е значајно да бидат дадени навреме и на населението и во местата каде што е најнеопходно. Утринава стапивме во контакт со амбасадите и побаравме жиро сметка, каде може да се донираат овие средства и сме во тек со тој процес. Сведоци сме на големите страдања, штетите се големи, голема е жртвата, многу повредени и најстрашно многу бездомни лица на кои оваа материјална помош ќе им биде неопходна од нашата страна. Апел и од двете држави е да се донираат средства или човечки ресурси да се испратат. Ние како општина можеме да донираме средства. Финансиите се мали, но доколку нашиот пример го следат сите општини, во земјава, според нивните расположливи средства, мислам дека заедно ќе им помогнеме-посочи Ѓорѓиевска.

Коментари

коментар(и)