Кумановци уживаа во претстава од Театар Крик

Во рамките на театарскиот фестивал „Денови на комедијата“, синоќа во Центарот за култура беше изведена претставата Првин ќе ме земеш, после ќе ме… на театар Крик од Скопје. Во комедијата играа Роберт Ристов, Мирјана Ристов и Дарко Вељиќ, а е под режисерска палка на Ѓорѓи Ризески. Претставата зборува за средба помеѓу лекторка и ветеринар.Тој, маж со неуспешен брак зад себеси, решен – никогаш повеќе да не се жени и на оваа средба гледа само како на едновечерна авантура… …Таа – девојка со веќе донесена одлука – да се мажи, уште истата вечер. Ваквите контра очекувања, оваа средба ја прават исполнета со многу конфликтни ситуации кои во одредени моменти водат до точка на безизлезност.

-Задоволни сме како рагираше публиката, се надевам и дека публиката е задоволна од нас. Ова е трет пат како ја играме оваа претстава во Куманово, имавме две изведби во Театар Куманово, но тоа беше пред една година, но имајќи предвид дека претставата нуди повеќе различни варијанти, сигурен сум дека никој од публиката ја нема видено оваа варијанта од вечерва. За оние кои ја немаат ледано претставата, истата има неколку прекини по ред, при што нудиме неколку варијанти како понатаму да продолжи претставата, така што секоја изведба е барем по една до две сцени поразлична од претходно гледаното. Подготвени се три варијанти од кои ги бираме различните и правиме своевидна претстава секогаш поразлична од претходната, изјави актерот Роберт Ристов.

Инаку кумановци синоќа требаше да ја проследат претставата Забрането смеење на театар од Струмица но таа беше откажана. Вечерва љубителите на театарот ќе можат да уживаат во комедијата Наопаку на албанскиот театар од Скопје.

 

Коментари

коментар(и)