Претставници на иницијативниот одбор на граѓани за помош на поплавените од Скопје, од утре од врата на врата ќе ги посетуваат настраданите семејства и ќе делат од донираните продукти. Сметаат дека на овој начин луѓето ќе можат побргу да ги добијат потребните продукти.
-Во соработка со Црвениот крст и Кумановски акцијаши веќе имаме една екипа што е на терен. Денеска правиме список на уште две екипи да им помогнеме директно на нашите пријатели и браќа и сестри. Пакетите што ќе бидат подготвени директно ќе ги носиме од врата на врата. Да не биде дека се ставени на едно определено место и лично да ги земаат. Моментално имаме околу 250 пакети вода и околу 400 храна заедно со хемиски средства-изјави Александар Крстевски, претседател на ИО на граѓани.