Актерот Игор Џамбазов е добитник на наградата „Васил Иљоски“ за 2026 година за особен придонес во театарската уметност.
„Фестивалот и Советот на фестивалот МТФ „Денови на комедија 2026“ ја доделува престижната награда „Васил Иљоски“ на Игор Џамбазов – истакнат актер, писател, музичар и еден од најпрепознатливите уметници на македонската сцена. Неговата исклучителна актерска дарба, неповторливиот хумор и повеќедеценискиот придонес во театарската и културната уметност оставија неизбришлива трага кај публиката и заслужено го вбројуваат меѓу најголемите имиња на македонската комедија“, соопштија од НУЦК „Трајко Прокопиев“.
Свеченото врачување на наградата ќе се одржи на денот на отворањето на фестивалот, на 23 септември 2026 година, во големата сала на Центарот за култура – Куманово.
Минатата година наградата „Васил Иљоски“ ѝ беше доделена на актерката Весна Петрушевска.
Наградата го носи името на истакнатиот македонски драмски писател Васил Иљоски, еден од основоположниците на современата македонска драматургија, и се доделува на истакнати театарски уметници за нивниот траен придонес во развојот на театарската уметност, со особен акцент на комедијата.