Левица: Општина Куманово потрошила околу 2 милиони денари на пијалаци и слатки

Во период од три години Општина Куманово потрошила 1.941.680,00 денари за алкохол, кафе, чај, чоколадни бомбони, тврдат од партијата Левица.

Според податоците објавени на официјалната веб-страница на Општина Куманово, за потребите на општината од буџетот се одвоени 31,572 евра за кафе, чај, освежителни пијалоци, алкохол, чоколадни бонбони.

Согласно податоците, од 2019 до 2021 година, Општина Куманово склучила договори за набавка на:

-395 литри алкохол (виски, бренди, жолта лозова, трпезно црвено, трпезно бело)

-940 килограми кафе арабика робуста и еспресо

-110 килограми чоколадни бонбони со фин лешник

-160 килограми бадеми, лешници, фстаци, ореви од прва класа

-920 килограми шеќер

-1100 литри млеко

-880 кутии разновидни чаеви итн.

Во просек на годишно ниво потрошени се приближно 11,000 евра пари на граѓаните во Куманово. Но тоа не е се’… Имено, согласно Измената и дополнувањето на годишниот план за јавни набавки за 2021 година проценетата вредност за јавни набавки била корегирана во нагорна линија, со што од 11,000 евра се зголемила на над 13,000 евра без ДДВ.

Ако се анализираат податоците одделно по години, најголема количина на алкохол била набавена во 2020 година, односно во време на корона кризата. Во таа година биле набавени дури 150 литри алкохол, што е за 35 литри повеќе од 2019 година.

Доколку се земе во предвид цената на бонбоните по килограм, во последните три години таа била зголемена повеќе од три пати или од 683,00 денари по килограм во 2019 година „пораснала” на 2.035,00 денари по килограм во 2021 година.

Прва класа бадеми, лешници, ф’стаци, ореви во 2019 година биле купени по цена од 1.155,00 денари по килограм.

Од Левица велат дека ова е пример како институциите не треба да се „расфрлаат” со народни пари и бараат ваквите непродуктивни и недомаќински трошења да престанат.

Сметаме дека е потребно средствата на граѓаните да се вложуваат во корисни и продуктивни цели, во капитални инвестиции, во креирање на нови работни места, модернизација на застарениот капитал, создавање на човечки капитал итн., а се’ со цел подобар животен стандард и подобри услови за живот за сите.

Потребна е поголема одговорност и отчетност за тоа каде и за какви цели се трошат народните пари, завршуваат од Левица.

ИНТЕГРАЛНО СООПШТЕНИЕ ЛЕВИЦА КУМАНОВО

 

Коментари

коментар(и)