Македонија мора да победи во битката со системската корупција, порача Тошковски

„Македонија мора да победи во битката со системската корупција која што одзеде 59 млади животи“, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од денешната прес-конференција.

Министерот Тошковски истакна дека ова не е обична битка, туку битка за тоа дали Македонија ќе ја биде.

„Битка на народот и сите ние кои сакаме правда и држава за почит, против трулиот систем формиран со децении, не како апстрактен поим, туку формиран од поединци со име и презиме, кои го разјадувале и ја донеле државата до ова дереџе до кое сме денес. Овие моменти се историски. Или ќе покажеме што значи одговорност и државност, или ќе дозволиме ова да биде само уште една црна хроника. Јас сум одлучен и така ќе продолжам. Како што веќе имам кажано, функцијата никогаш не ми била цел сама по себе. Моето присуство овде го разбирам како должност и обврска кон мојот народ – да покажам дека одговорноста, чесноста и доблеста не се ретки вредности, туку предуслов за служба на граѓаните“, нагласи министерот Тошковски.

Министерот Тошковски истакна дека продолжува да се бори за искоренување на системската корупција, за враќање на довербата во институциите, за Македонија да стане безбедна, праведна и достоинствена држава.

„Овие моменти се историски. Или ќе покажеме што значи одговорност и државност, или ќе дозволиме ова да биде само уште една црна хроника. Моето присуство овде го разбирам како должност и обврска кон мојот народ – да покажам дека одговорноста, чесноста и доблеста не се ретки вредности, туку предуслов за служба на граѓаните. Јас ја чувствувам мојата морална одговорност – длабоко и искрено. Но верувам дека токму сега, во најтешките моменти, најважно е да се покаже одговорност преку дејствување. Затоа останувам тука, со истата решителност и посветеност, да ја водам оваа битка до крај. И во иднина, кога ќе дојде денот, мојата политичка кариера да заврши како што и започна: со љубов и лојалност кон државата, кон граѓаните и кон овие млади невини животи, со пример, доблест и честитост.“, истакна на крај министерот Тошковски.

-Поднесени се две кривични пријави против вкупно 34 физички и три правни лица за кривични дела: „тешки дела против општата сигурност“ во врска со предизвикување општа опасност, при што едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ – кажа Тошковски.