Максим Димитриевски, кандидатот за градоначалник на општина Куманово од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија освои најголем број гласови во првиот круг на локалните избори. Спорeд резултатите на Државна изборна комисија, Димитриевски освои 16.183 гласa, од обработени 98.80 отсто гласови.
„Ако има втор круг, ЗНАМ дефинитивно ќе биде победник на претстојните локални избори, бидејќи повеќе од јасна е желбата на граѓаните, кои препознаваат континуитет и развој на овој град и сакаат Куманово да продолжи да се развива во тој дух“, изјави Максим Димитриевски, вчеравечер на градскиот плоштад каде што заедно со своите поддржувачи ја прослави победата во Куманово.
Според ДИК, втор по бројот на гласовите е Горан Стојковски – Диро, независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово, движење „Ред за Куманово“ со 5.946.
Стојковски утрово се заблагодари на сите граѓани на Куманово кои што довербата и поддршката што ја дале за движењето „Ред за Куманово“.
„Кумановци јасно порачаа – време е за промена, време е за ред! Со вашата поддршка покажавте дека верувате во нова, одговорна и чесна локална власт. Продолжуваме со уште поголема енергија во вториот круг, решени да ја донесеме големата победа за Куманово на 2 ноември! Заедно ќе донесеме ред, работа и иднина за нашето Куманово!“, напиша Стојковски.
Кандидатот на коалицијата предводена од ДУИ со кандидатот за градоначалник на општина Куманово Селвер Ајдини освоил 13,83 отсто од гласовите, односно добил поддршка од 5.905 гласачи.
Мартин Костовски, кандидатот од Коалицијата предводена од СДСМ освоил 5.793 гласа, односно поддршка од 13,59 отсто.
Кандидатот на ВЛЕН Арбен Етеми освоил 3.851 гласови, односно 9,02 проценти.
За кандидатот од Левица Мирослав Петковиќ гласале 5,06 отсто од вкупниот број гласачи, односно освоил 2.160 гласови.
Виолета Арсовска како кандидат на Коалицијата „Искуство за успех“ освои 423 гласа, односно 0,99 проценти.
Од 94,041 лица со право на глас, вчера гласале 42,712 граѓани, односно излезноста била 45,72 отсто. Вкупниот број неважечки ливчиња бил 2.451.
Од денеска продолжува кампањата за вториот круг од Локалните избори 2025 кој ќе се одржи на 02 ноември годинава.
