Независниот кандидат за градоначалник на Куманово Горан Стојковски – Диро смета дека во централното градско подрачје нема основна инфраструктура која ги задоволува потребите на лицата со попреченост.
„На малиот плоштад нема ниту една пропишано поставена рампа за лица со попреченост, а гранитните плочи се нерамни. Иста е состојбата и со катната гаража и Центарот за култура. Имаме патека која завршува директно на сообраќајница, без обележан пешачки премин, тротоар кој не е проширен и завршува слепо. Ова покажува колку овој простор е небезбеден и колку лицата со попреченост реално можат да функционираат тука. Истовремено, тоа говори и за лошото менаџирање со проектите од страна на Општина Куманово, иако постојано се зборува дека треба да има инклузивност и еднакви услови за лицата со попреченост “, истакна Стојковски.
