Министерството за внатрешни работи соопшти дека вчера околу 11:40 часот, А.К. (32) и И.С. (33), двајцата од Куманово, пријавиле дека во населбата Средорек, додека делеле изборен материјал за една политичка партија, С.С. и Р.Ш., членови на друга партија, агресивно се однесувале кон нив и им упатувале закани, по што Р.Ш. физички ги нападнал.
Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.
Кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата, Мартин Костовски, обвини дека нападот го извршиле членови на штабот на Движење ЗНАМ и кандидатот за советник Самет Салиевски, пред одржување на нивниот мини-митинг во Средорек.
„Случајот веднаш го пријавивме во полиција и очекуваме да се преземат сите потребни мерки за да се спречи политичкото насилство врз неистомислениците,“ изјави Костовски.
Носителката на листата на кандидати за советници од Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Ивана Ѓорѓиевска на прес-конференција ги отфрли обвинувањата од Костовски.
„Целосна лага се обвинувањата кон нашиот кандидат Салиевдски дека нападнал еден од членовите на изборниот штаб на Костовски. Вистината е дека тој бил сведок на расправија помеѓу активистите на СДСМ во близината на неговиот дом. Во меѓувреме, станал цел на вербални провокации на кои реагирал смирено и воздржано“, кажа Ѓорѓиевска.
