Мигрантите седум месеци „заглавени“ на Табановце

60-ина мигранти од вкупно 1.500 колку што останаа во транзитниот центар при затворањето на балканската рута  во март годинава, се уште престојуваат на Табановце. Најголем дел од нив во сопствена режија преку шверцерските канали заминаа од нашата држава, бидејќи нивната цел не е да останат во Македонија туку да го продолжат патот кон западноевропските земји. Бројката на овие мигранти  е иста последниве неколку месеци. во транзитниот центар се заглавени  14 семејства од Сирија и едно од Ирак, вкупно 61 лице, од кои половина се деца. Се претпоставува дека тие се од најсиромашните слоеви и немале пари да продолжат кон државите каде што имаат роднини.

Но, поради фактот што има зголемен број мигранти што се обидуваат да влезат во Македонија на јужната граница, собраниската комисија за одбрана и безбедност ја прифати одлуката со која се предвидува обезбедување континуитет во вршење на активностите на АРМ и безбедносните сили на МВР , во функција на обезбедување, заштита и чување на државната граница во времетраење до 30 јуни 2017-та година , наместо како што беше одлучено до крајот на декември годинава. Оваа предлог одлука денеска ќе се најде на дневен ред наседницата на Собранието на РМ.

 Јасно е дека мигрантската криза во секој момент може  да добие на интензитет,а  државата треба да биде подготвена на тоа , рече при последната посета на СВР Куманово,  министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

-Дополнителен проблем за нас се криумчарските  канали , изјави Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи

Нашата држава будно ја следи состојбата и во Северна Африка и на Блискиот Исток, состојбата во Грција и во Турција. Но, доколку дојде  до поголем бран на организирано движење на мигрантите,  полицијата и воопшто Р.Македонија се подготвени за таков предизвик,  потврди  при последната посета на полициската станица Куманово и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Оливер Андонов.

Официјално т.н. западно-балканската  рута е затворена, но неофицијално ние постојано имаме миграции и поминување на илегални мигранти и поголемиот дел од активностите на полицијата со тоа вклучително и на СВР Куманово е насочена кон пронаоѓање на кримчарските групи“, изјави Оливер Андонов, дополнителен заменик министер за внатрешни работи

Балканската рута беше затворена на 9-ти март со одлуката на Словенија, Србија и Хрватска да не примаат повеќе бегалци без валидни визи и пасоши согласно одлуката за примена на новиот режим во Шенген зоната.

 

Коментари

коментар(и)