„Предлог – измената на Планот на програми за развој на Општина Куманово е само уште една потврда на нашите дискусии дека се донесува нереален буџет, предимензиониран, во кој средствата не се распределени спрема приоритети и е далеку од реално остварлив буџет, односно претставува буџет на желби, рече координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ Драган Петковски на денешната седница во врска со оваа точка на дневниот ред. За опозицијата е несфатливо да се намалуваaт средства од ставките за изградба на тротоари, атмосферска канализација и комунална инфраструктура , кои ќе бидат пренасочени за градскиот базен.
-Со оваа предлог измена се предвидува од ставката за изградба на тротоари да се намали скоро 50 проценти или околу 3 милиони и 800 денари, од ставката изградба и реконструкција на атмосферска канализација да се намали скоро 80 проценти или околу 3 милиони и 50 илјади денари, од ставката изградба и реконструкција на комунална инфраструктура се намалува за скоро 90 проценти, и сето ова само за да ставката изградба на градски базен се зголеми за 25 милиони денари и сега во 2016 година изнесува 82 милиони 671 илјади денари . Kаде е тука реалниот развој ако се намалува изградбата на тротоари, изградба и реконструкција на атмосферска каналзиација , изградба на комунална инфраструктура, a се зголемува само изградба на градски базен? Каде е тука приоритетот , кој го определува приоритетот, граѓаните сигурно не? Добиваме впечаток дека изградбата на градски базен полека се претвора во изградба на градски бунар, за жал бунар без дно, изјави Драган Петковски, советник
-Излегува дека на тој базен му фалат некои работи односно му треба доработка. Тој ќе биде економски исплатлив ако ги опфати сите ученици меѓутоа излезе дека тој базен не е проектиран да ги прифати сите ученици од основни и средни претпријатија, изјави Јовица Станковски, советник
Градоначалникот Зоран Дамјановски посочи дека измени на програмите прават сите општини, а локалната самоуправа ја прави измената во услови кога општината веќе подолг временски период нема константни приходи и работи со задолжителна резерва. „Но, и покрај сите финансиски пречки, годинава имаше најекпанзивна градба на комуналната инфраструктура во градот“, потенцираше Дамјановски.
-Ние имаме потреба сега да го редистрибуираме буџетот во друга насока бидејќи имаме многу поекстензивна градба во летните периоди. Работиме под задолжителна резерва, под голема финансиска пречка и затоа во нашиот буџет не сме планирале таква можност. Со оваа пренамена на средства односно промена на програмата создаваме можност за тие луѓе што ги завршиле своите задачи и го завршиле објектот да на некој начин во наредните два три месеца се доисплатат средствата за изградба на тој базен. Тоа е стратегијата на оваа точка, изјави Зоран Дамјановски, градоначалник на Куманово
И покрај бројните забелешки, советниците сепак го изгласаа ја изгласаа предлог измената на Планот на програми за развој на градот.