Мирен изборен ден во Куманово

Одредени неправилности во изборниот процес  во Куманово вчера регистрираше граѓанската асоцијација  МОСТ. Во еден случај,  слепо лице дошло да гласа заедно со член од семејството кој требало да му помогне, избирачкиот одбор не дозволил и на лицето му помогнал член на избирачкиот одбор предложен од политичка партија. Во друг случај, откако член на семејството му помогнал на слепо лице да гласа без да побара дозвола од избирачкиот одбор, член на избирачкиот одбор го поништил гласачкото ливче. Евидентирани се и три случаи кога претседателот на избирачкиот одбор не дозволил придружбата да им помага на гласачите кои не можат да гласаат сами и тоа го направил самиот тој. МОСТ евидентирал неправилности и во општина Липково. Според нивните информации,  УВ ламбата на едно гласачко место не била користена во текот на 1 час .

Неколку  граѓани на Куманово со поплаки  кај заменик народниот правобранител дека им е прекршено избирачкото право.

-До овој момент само двајца граѓани се пожалија дека докрај не се почитувале гласачките изборни права, односно на две места едното во Куманово, другото во населбата „Карпош“, наводно во претходните избори биле регистрирани во избирачкиот список, а денеска не можеле да го остварат правото бидејќи не биле евидентирани, изјави Насер  Весели, зам.народен правобранител .

Според општинската изборна комисија  Куманово изборниот процес течеше мирно, без поголеми забелешки и неправилности.

Дека изборите поминуваат  во фер и демократска атмосфера, посочија и од ДИК.

Коментари

коментар(и)