Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата, Христијан Мицкоски, вчеравечер од народниот митинг на градскиот плоштад ги повика кумановци да направат „вистински избор за иднината“ и да ја поддржат советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и актуелниот градоначалник и коалициски кандидат за нов мандат, Максим Димитриевски.
Во својот говор, тој ги критикуваше поранешните носители на функции, наведувајќи дека „немаат морално и политичко право да зборуваат за правда“.
„По овие избори ќе има одговорност. Обвинителството и судството ќе мора да објаснат зошто стотици случаи со докази стојат заборавени во нивните фиоки. Време е правдата да ја водат вистински обвинители и судии. Убеден сум дека Куманово ќе избере работа, чесност и резултати. Време е за вистинскиот избор,“ рече Мицкоски.
Министерот за одбрана и носителот на изборна единица 2 од ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, на митингот во Куманово на кој беа претставени кандидатите за советници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, потенцираше дека градот заслужува да биде „град на можности, град на развој и град што се гради со љубов, посветеност и визија“
„Заедно градиме иднина во која модерната инфраструктура ќе биде за сите, квалитетното образование и социјалната поддршка ќе бидат основа за развој и просперитет“, кажа Мисајловски.
Ги повика граѓаните масовно да излезат на избори на 19 октомври и да го направат, како што рече, вистинскиот избор за својот човек, своето место и својата иднина, нагласувајќи дека доаѓа време на луѓе кои се тука да служат на народот и Куманово.
Носителот на советничка листа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во Општина Куманово на митингот одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“ истакна дека оваа советничката листа се разликува од останатите заради тоа што овие луѓе се професионалци, и докажани во својата работа.
„Оваа советничка листа се разликува од останатите, оваа советничка листа има луѓе кои природно и припаѓаат на Македонија, му припаѓаат на Куманово му припаѓаат на народот. И денес како предводник на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ ќе го кажам следново: Горд сум со луѓето што ги предводам, тоа се луѓе кои се истакнати професионалци, скромни но докажани во својата работа, во својата човечност. Со заокружување на бројот 9 гласате за планско проширување на градот и правилно урбанистичко уредување, гласате за повеќе слободни паркинг површини, изградба на катни гаражи и ослободување на тротоарите, гласате за изградба на канализациони системи во населбите и обновување и одржување на постојните, за изградба на нови спортски игралишта и реновирање на постојните, гласате за субвенционирање на општинскиот спорт, за спортот на младите, и поддршката на локалните спортски клубови, гласате за борци за почиста животна средина, за почист воздух, за уредување на речните корита и изградба на паркови и зелени површини, гласате за ваш советник, достапен во секое време, подготвен да ги прими и да ги разгледа вашите предлози“, истакна Михајловски.