Мониторинг и податоци – единствена алатка за правилно менаџирање на водните ресурси

Славен Цоневски, Тодор Цоневски, Светислав Крстиќ

Conevski Conevski Krstic-400x250Tочната искористеност и капацитет на водните ресурси во државата e невозможно прецизно да се пресмета заради недостиг на континуирани хидролошки мерења и мониторинг на квалитетот на водите.

Само 2% од територијата на Република Северна Македонија се под водена површина. На територијата на државата има повеќе од 65 реки, 3 големи природни езера (Охридско, Преспанско и Дојранско) и уште најмалку 40 помали природни езера и околу 120 вештачки езера. Според количествата, Северна Македонија спаѓа во подрачја со задоволителни водни ресурси, но со нерамномерна територијална распределба. Иако постојат одредени податоци, точната искористеност и капацитет на водните ресурси во државата e невозможно прецизно да се пресмета заради недостиг на континуирани хидролошки мерења и мониторинг на квалитетот на водите.

Според УХМР, вкупниот број на регистрирани хидролошки станици за мерење на протокот на површински води изнесува 110, а за подземни води 115 станици. Доколку тој број се воспостави во корелација со вкупниот број водни тела, се заклучува дека тоа е помалку од една мерна станица по водно тело. За споредба, соодносoт на мерни станици и водни тела во Италија е околу два пати поголем, а во Норвешка е повеќе од пет пати.

Недостиг на хидролошки податоци – пречка за имплементација на европската Рамковна директива за води

Недоволниот број на мерења, како и ненавременото процесирање претставува сериозна пречка при имплементација на Рамковната директива за води на ЕУ и нејзините придружни и соодносни директиви (на пример, Директива за заштита на подземните води од загадување и нарушување на квалитетотДиректива за управување со квалитетот на водата за капење, итн), коишто во најголем дел се внесени и апроксимирани во нашиот Закон за водите. И покрај тоа, до денес не е воспоставен соодветен систем на мерења и собирање/складирање податоци за количествата, ниту пак, на терен постои континуирано следење на квалитетот на водите кај водните тела

Едноставна интерпретација на дел од Рамковната директива за води (РДВ) би била: i) единица територија на која се врши планирање на управувањето со водните ресурси е речен/езерски слив, и ; ii) сите водни тела на територија на РСМ, за брзо време, во однос на постојната (лоша) состојба, да го унапредат статусот – во погорна квалитативна категорија. Така, ако водите на Преспанско Езеро и сите притоки во сливот на езерото се утврдени како води со слаб-умерен квалитет, врз основа на претходни научни и длабински истражувања, со експертски утврдените мерки треба да се доведат до ниво на повисоката категорија на квалитет на водите – добар.

Конкретен проблем при дефинирањето на мерките во планот е недоволниот број на податоци за протеци на вода во притоките, квалитетот на водата во реките и самото езеро, но и потрошувачката и црпењето вода за наводнување од локалните земјоделски и индустриски корисници. Планот за управување на сливот на Преспанско Езеро доживеа и своја втора надградба – единствен во Балканскиот регион. Досега се направени основни верзии на планови за управување со речни/езерски сливови, но не е забележана надградба по поминати 6 години, колку што изнесува важноста на еден ваков план според Рамковната директива за води. Сепак, спроведувањето на стриктно пропишаните мерки, до денес, не е на задоволително ниво.

Monitoring i podatoci edinstvena alatka za pravilno menadziranje na vodnite resursi 1Извор: sdk.mk

Податоците како основна алатка во управувањето со водните ресурси

Постоечките информации (проток на вода, квалитет на вода, водостој, ниво на подземни води и сл.) и сегашниот начин на нивно собирање, складирање, формат и обработка, не се доволни за натамошни детални статистички и хидролошки анализи, особено за покуси периоди (на пр. час/ден), кои пак се неопходни за моделериње на стохастичките процеси, како на пример, климатските промени. Ако тука се вклучат и застареноста на соодветните хардвери и софтвери и/или потребата од следење на европските и светските достигнувања на ова поле, но и недостигот на високопрофилирани експерти за тоа (ги има многу малку и недоволно во УХМР и на универзитетите, особено УКИМ), евидентна е потребата за вклучување на алармот во оваа сфера/дејност.

Интересно, постојат многу студии и извештаи каде што се прикажува потребата за правилно управување и планирање на водите, се набројуваат низа мерки, меѓутоа детална анализа на нивно имплементирање не постои. Во многу случаи ситуацијата е комплексна, при што приложените мерки не можат практично да се имплементираат. На пример, за реставрација на едно речно корито потребни се хидролошки податоци од повеќе локации од сливното подрачје, како и мерења на протокот после секоја важна притока. Дополнителни податоци за вегетацијата, фауната, како и целиот еколошки систем се исто така неопходни.

Доколку пак има потреба од информации за наносот и ерозија во сливот, комплексноста станува огромна, особено имајќи го предвид фрустрирачки тешкиот начин на мерење на наносот во реките или пак ерозијата во сливот. Обемот на ваквите податоци е голем и потребни се најмалку 50 години за задоволителни анализи и правилно проектирање на системот. Во Северна Македонија, веројатно, не постои река за која се достапни сите овие потребни информации. Со други зборови, предизвиците и проблемите за подобрувње на менаџирањето на квалитетот и искористувањето на водите кај нас, за жал, се само површно анализирани и голем дел од решенијата се базираат на претпоставки или несоодветна емпирија (на пр. лабораториски изведени формули).

Нерамномерната распределба на водните ресурси, како и неконтролираната потрошувачка придонесуваат за допoлнителен притисок врз еколошките системи што уште повеќе го усложнува управувањето и планирањето. Тука влегува и проблемот со отпадните води каде што незадоволителната мониторинг мрежа оневозможува и правилно менаџирање. На пример. само 5% од отпадните води во Северна Македонија се правилно третирани пред да бидат испуштени во реките или езерата. Оваа бројка не само што е поразителна, туку и веројатно помала бидејќи точноста не е целосно анализирана, а и не е јавно достапна. За споредба, Директивата за отпадни води на ЕУ наложува примарно и секундарно третирање на отпадните води за подрачја кои имаат над 2000 еквивалент жители.

Поставената констатација дека отпадните води минимално се пречистуваат јасно се рефлектира во извештаите на научните експертски тимови (УХМР, Квалитет на води во зоните Рашче, Нерези-Лепенец и Скопско Поле, 2009-2010; AS, 2014-2015; Partners, 2016), но не и во официјалните, дури и најновите, годишни извештаи на УХМР. Имено, бројните анализирани мерни места во рамките на овие проекти укажуваат на фактот дека во регионот доминираат четврта и петта категорија на квалитетот на водите во испитуваните речни екосистеми, додека другите категории индикативни за почисти води се сретнуваат доста ретко. Оваа утврдена состојба укажува на континуиран притисок врз речните екосистеми кој потекнува од слабо или нетретирани комунални и индустриски отпадни води.

Состојбата со трите природни езера и поголемиот број акумулации во државата е исто така алармантна. Бројни се публикациите и проектите кои укажуваат дека делови, цели региони или вкупната површина на Преспанско Езеро, како и делови на Охридско Езеро се наоѓаат под интензивен притисок од еутрофикацијата која потекнува од сливното подрачје и/или од земјоделските површини (Геотехнички инженеринг, Надградба на Планот за управување со сливот на Преспанско Езеро, 2016; Геотехнички инженеринг, План за управување со сливот на Преспанско Езеро, 2011)Најлоша е еколошката состојба со Дојранско Езеро (РЕЦ, 2015, 2016; Милеуконтакт, 2019; CEPF 2020-2021) за кое постојано се утврдува висока стапка на еутрофикација со засилена појава на штетен „воден цвет“ од сино-зелени алги, за кои е потврдено и дека се токсични. Притоа, државниот мониторинг на природните езера и акумулациите базиран на РДВ воопшто не постои, или тој се одвива хаотично на периоди и надвор од, спротивно од или не ги следи предложените методологии и контрола на резултатот во рамките на домашните закони и РДВ.

Monitoring i podatoci edinstvena alatka za pravilno menadziranje na vodnite resursi 2Извор: авторите

Потреба од континуиран мониторинг

Евидентно е дека секоја активност во правец на управување со сливно подрачје во основа се базира на соодветните, прецизни и потврдени податоци кои се добиени со примена на различните мониторинг системи постулирани во европската директива и домашната легислатива. До денес, во Северна Македонија, не е воспоставен соодветен мониторинг систем на површинските и подземните водни тела. Тоа е резултат на бројни проблеми, но пред сè на недоволна екипираност, финансиска поддршка, интерес од страна на државата, како и соодветно изграден мониторинг систем во кој учествуваат практичарите (УХМР) и академската заедница како контролор на методот, апликацијата и добиените резултати од мониторингот врз база на тековните научни сознанија.

Неможноста за детална евалуација (на пр. поради немање податоци) на расположливите водни количества, степенот на нивната искористеност и нивниот квалитет ја намалува можноста за подготовка и имплементација на детални планови и стратегии за подобро менаџирање на водните ресуси. Истовремено, тоа најчесто е и пречка за изработка на детални апликации за проекти, спонзорирани од меѓународните фондации, најчесто од ЕУ или Светската банка, иако тука, пред сите предничи Владата на Швајцарската конфедерација преку нејзините Државен секретаријат за економски работи (SECO) и Швајцарска агенција за развој и соработка (SDC). Слични констатации беа приложени на неодамнешната прес-конференција на УХМР каде што ја нагласуваат потребата од средства и човечки ресурси (во моментов работат само осум луѓе и буџетот изнесува само 8,000 евра на годишно ниво), како и од генерално подобрување на целата мониториг мрежа во Македонија.

На последната Европска конференција за водите, во 2018 година, беа прикажани најважните точки на ЕВД, како и напредокот на Европската Унија во однос на спроведувањето на мерките и целите на директивата. На конференцијата се укажува дека постои застој и одложување на имплементацијата на целите поставени во претходниот период (нивно имплементирање во 2025 година). Притоа се посочува дека климатските промени, како и нехолистичкииот пристап кон менаџирање на водните ресурси се главните причини за овој застој на европско ниво.

Т.н., холистички пристап, подразбира ”source control”, (на пр. лоцирање на изворот на загадување или исцрпување на вода и изнаоѓање на превентивно решение), а не „end of pipe” пристап кон решавање на проблемите (на пример, проблемот со недостаток или загадување на вода се решава со вештачки доток или пречистување на самото место). За тоа потребна е детална мониторинг мрежа и креирање на мултидисциплинарна методологија (вклучување на сите засегнати страни) при решавањето на проблемите со водните ресурси.

Добри практики од западноевропските држави за мониторинг на водните ресурси и решавање на климатските проблеми при хидролошките анализи

Прв чекор е планирање и имплементација на нова мониторинг мрежа за континуирано мерење на сите неопходни хидролошки и квалитативни податоци, како и подготовка на датабаза достапна за приватниот и државниот сектор во Република Северна Македонија. На пример, во Норвешка е развиена аппликација NVE atlas преку која се визуелизирани сите мерни станици и податоци достапни за секоја река и сливно подрачје. Освен историски податоци, можно е следење на моменталната состојба кај дел од станиците – Xgeo.

Генерално, мониторинг ситемот на водните ресурси во Норвешка е сè поактуелен и огромни средства се одделуваат за финансирање на мониторинг мрежата, иако важи за земја со повеќе од задоволително количество на вода. Истовремено, приватните корисници се законски обврзани да вршат мерења и податоците да се внесуваат во датабазата. Во Италија, исто така, постои портал за преземање на хидролошки податоци – Portale dei dati idrologici, меѓутоа не е целосно достапен и не е толку детален како во скандинавските земји. Слични портали се развиваат во сите европски земји како еден од најважните чекори за справување со недостатокот на вода во иднина.

Климатските промени во Италија се вклучени во сите детални планови (на пример, регулација на езерото Комо и сите сливови во Ломбардија, Северна Италија), каде што се применуваат најмодерни пристапи за оптимизирање на искористеноста на водите. На пример, регулацијата на водостојот на езерото Комо е базирана на низа сценарија кои вклучуваат климатски промени во наредните 100 години. Во Норвешка, пак, постои регулатива каде климатските промени мора да се земат предвид при секоја студија или проект. За поедноставните анализи и студии предложено е процентуално зголемување на протоците во зависност од големината и локацијата на сливот во Норвешка.

Од аспект на климатските промени, во Северна Македонија ситуацијата е многу поалармантна. Климатските промени воопшто не се вклучени како неопходен елемент во управувањето на водните ресурси (на пр. процентуална корекција на проток за планирање на речниот слив). „End of pipe” пристапот е сè уштe најприсутнa метода, a за тоа сведочат низа настани од блискотo минато, како што е ситуацијата со Преспанско Езеро. А само пред некој месец, дури во 2021 година беше промовиран портал за јавно надгледување на водните ресурси кој што не овозможува превземање на детални податоци.

Горенаведените примери покажуваат дека проблемот со управување на водните ресурси како намалување на влијаниеото на климатските промени, мора што поскоро да стане приоритет на Владата на Република Северна Македонија. Подобрување на мониторинг мрежата на ниво на целата држава е првиот чекор за идентификување и лоцирање на проблемите. Зголемувањето на обемот на податоци и мерења ќе придонесе за поефективна изработка на планови и стратегии за управување, но и брзо, ефикасно и перманентно решавање на проблемите со водните ресурси.

Овој увид во јавните политики е изготвен од Институтот за европска политика (ЕПИ) во рамки на кампањата „Разбистри сè“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Коментари

коментар(и)