Министерството за труд и социјална политика известува дека денеска започна етапната исплата на октомвриските пензии. Пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот КОВИД-19.
Подигнувањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:
За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши денеска, за пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши утре ( среда)
за пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на в четврток и за пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши в петок.
Пензионерите кои користат платежна картичка, поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од 26 октомври (вторник).
Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.