(ВИДЕО) Над 40 ученици ковид-позитивни од почетокот на учебната година

5 новозаболени ученици од ковид -19 и еден наставник во Куманово регистрирани се во текот на вчерашниот ден, информираат надлежните од Секторот за образование. Вкупната бројка на ковид -дијагностицирани во кумановските основни и средни училишта од први септември заклучно со 13-ти септември изнесува 42 ученици и 12 наставници од повеќе училишта. Дел од учениците и наставниците веќе се оздравени и вратени на настава и  работа со физичко присуство, а останатите следат онлајн настава, посочуваат надлежните, додавајќи дека до сега не се случило ученик да пројави симптоми во тек на настава, туку родителите навреме реагираат и штом ќе увидат дека детето има симптоми, не го пуштаат на училиште, туку останува дома. Но, и доколку некое од учениците пројави симптоми за време на настава, во секое училиште има изолирана просторија во која престојува детето, а директорот на училиштето е должен да ги извести родителите и Центарот за јавно здравје за случајот.

Инаку, во текот на вчерашниот ден на ниво на државата дијагностицирани се 50 нови ученици заболени од коронавирусот. Од вкупно 240 илјади ученици кои се со физичко присуство во моментов во државата, активни случаи на ковид од почетокот на учебната година се 0,2 проценти, информираше министерката за образование и наука Мила Царовска. Таа уште еднаш посочи дека обврската е континуирано да се почитуваат протоколите, за училиштата да останат безбедни и да продолжат со физичко присуство.

Доколку се појави каква и да е потреба или аларм од епидемиолошката служба или од Комисијата за заразни болести, министерката вели дека министерството е подготвено директно да се префрли на следен модел кој ќе биде препорачан, а трите модели се донесени и утврдени од Влада во соработка со Комисија за заразни болести.

Според податоците на МОН, во основното образование околу 2 отсто од учениците следат онлајн настава, а во средно образование, околу 7 проценти.

Царовска денеска напомена дека сите училишта имаат обврска да обезбедат онлајн учење за учениците кои имаат одобрение од училиштето и сите оние кои се во изолација и треба да следат онлајн настава, треба истото да им се овозможи. Доколку нема можност за такво нешто, тогаш се доставуваат материјали.

Граѓаните на Куманово речиси воздржани во однос на присуството на ковид- 19 во училиштата.

Со соопштение денеска се огласи се Детската амбасада во светот МЕЃАШИ,  која бара да се воведе задолжително бесплатно тестирање за сите ученици и персонал во училиштата за да се спречи неконтролирано ширење на вирусот во училиштата.

Очекуваат надлежните од МОН заедно со директорите на училиштата да изнајдат начини и да го искористат убавото време, креативноста и можностите на училишните дворови и да  прилагодат дел од наставата да се одвива надвор, на отворено за да им се овозможи на децата слободно да дишат.

Како што потенцираат од Првата детска амбасада во светот, скратувањето на наставата и должината на часовите е уште една брза и ефикасна мерка која може веднаш да се спроведе за да се избегнат други здравствени проблеми .

Коментари

коментар(и)