Николовски: Раст на наплатата на приходи од 105 милиони евра

Царинската управа за една година наплати приходи во висина од две милијарди евра или 105 милиони евра повеќе средства во Буџетот од годината претходно. Преку Секторот за контрола и истраги до Основното јавно обвинителство и Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција поднесена е 181 кривична пријава за сторени кривични дела. Вкупно сузбиени се над 520 случаи на криминални активности. Изготвен е нов Царински закон и се имплементираат проекти во вкупна вредност од 24,4 милиони евра, што ќе овозможи забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ. Ова беа суштинските пораки на директорот Бобан Николовски на денешниот настан „Една година резултати“ на кој во присуство на државниот врв, бизнис заедницата и меѓународните организации беа презентирани резултатите од изминатата една година. На настанот се обратија и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Во знак на признание за континуираните заложби и поддршка за унапредување на царинската служба, директорот во име на Царинската управа на премиерот му врачи Плакета со повелба.