(ВИДЕО) Нов лик ќе добие ОУ „Вук Караџиќ“

Нов лик до наредната учебна година треба да добие основното училиште „Вук Караџиќ“. Надлежните од оваа образовна установа информираат дека училиштето добило проект од Министерството за образование и наука, кој предвидува реконструкција на прозорците, вратите на приземјето и подрумот, адаптација на просторија во тоалет за деца со инвалидска количка, како и енергетски ефикасна фасада.

-Ќе се реконструира влезната рампа за ученици со количка, затоа што е малку повисока од стандардот. Тоа ќе оди веднаш штом ќе заврши наставната година а до крајот на годината ќе се реконструира и фасадата, ќе биде енергетски ефикасна со сите барања кои ги има еден објект како што е едно основно училиште-нагласи Надица Петровска, директор ОУ „Вук Караџиќ“ Куманово.

Покрај овој проект, училиштето од неодамна од општина Куманово доби и спортско игралиште.

-Во најблиско време очекуваме да се заврши докомплетирање на спортскиот терен во училишниот двор, кој навистина изгледа многу убаво и е функционален. Недостасува уште да се постави трибина и се надевам дека во најскоро време ќе биде поставена. Ќе се реновира влезната капија на училиштето бидејќи доста е оштетена за да колку толку го сочуваме тоа што го поставивме во училишниот двор, поставивме две детски игралишта и за најмалите имаме клупи клацкалки, се надеваме тој дел да го доуредиме со садници, цвеќиња ако успееме во текот на летниот период-истакна Петровска.

Надлежните од училиштето Вук Караџиќ посочуваат дека се задоволни од текот на изминатата учебна година, која помина во знакот на пандемијата. Нагласуваат дека и во вакви околности, онлајн настава учениците оствариле одлични резултати, па дел од нив се стекнале и со први награди на општински и државни натпревари.

 

Коментари

коментар(и)