НРЦ: топли оброци и помош за легализација на 24 семејства

Извршниот директор на Националниот Ромски Центар ги објасни активностите на проектот „Право да живеам во урбана средина“. Тој рече дека на 24 семејства, токму во рамките на овој проект, им беа доделени и топли оброци. Станува збор за околу стотина луѓе на кои освен оваа помош, им се асистира и при процесот на легализација на нивните објекти.

– Ние сè уште имаме процеси што ги водиме, но задоволни сме што во Штип, да речеме, достигнавме бројка од над сто што се веќе легализирани и се комплетно завршени. Но, од друга страна очекуваме да се донесе и новиот Закон за легализација на дивоградбите и да мине низ процедура на владините институции. Во минатото, неколку пати реагиравме и Владата ни ги прифати нашите предлози и успеавме еднаш да го пролонигираме рокот за легализација, рече Елезовски.

На средбата, 24 семејства добија и упатства како да ги бараат своите права, односно да бидат во контакт со надлежните институции што се одговорни за легализација на нивните домови. Беше присутен и 62 годишниот Селајдин Асанов, чија што куќа остана без покрив при опожарување на стара зграда.

Асанов рече дека во тој објект живеел 25 години, му пристигнувале сметки за кирија, за струја и за вода, а сега е без кров над главата. Неколку дена спијат во домовите на роднините, а очекуваат, како што додаде, легалните станари во тој објект час поскоро да бидат згрижени во други објекти. Поради проблеми со срцето не може да работи, инаку има 18 години работен стаж, а за пензија ќе чека да наполни 64 години. Во моментот зема социјална помош.

Коментари

коментар(и)