Одбележан Денот без автомобили

Со ревијално возење велосипеди на булеварот Октомвриска револуција, триесетина ученици од основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“ денеска го одбележаа Денот без автомобили и европската „Недела на мобилност“. Од Општина Куманово истакнаа дека преку манифестацијата сакаат да упатат апел до граѓаните за користење на алтернативни превозни средства, како што се велосипеди и градски превоз, со што ќе се допринесе за намалување на загадување на животната средина и бучавата, но и за заштита на буџетот.

-За сега ова е ревијално возење но како што знаете велосипедски патеки само има во Скопје тоа невладини организации преку буџети го направија се надевам дека и ние во нашиот град во најскоро време и ние ќе направиме велосипедски патеки, така што ќе можат граѓаните побезбедно да користат велосипеди-изјави Бобан Бојковски, овластен инспектор за животна средина во Општина Куманово.

Тој се надева дека во иднина одбележувањето на Меѓународниот ден без автомобили ќе стане традиција. Учениците истакнаа дека е здраво да се вози велосипед, и затоа практикуват тоа да го прават често.

Манифестацијата ја организираше Министерството за животна средина во соработка со европската делегација во Република Македонија и Инфо точката.

За разлика од најмладите и учениците, политичарите по обичај го заборавија овој ден и не се потрудија ниту симболично да ги остават автомобилите и пеш или со велосипед да заминат на своите работни места.

Коментари

коментар(и)