Околу 900 родители се заканија со протест, доколку не се укинат маските во училиште

Носењето маски во училиштата од задолжително да се сведе на препорака и родителите да имаат право на избор, е барањето на повеќе од 900 родители од иницијативата „Стоп за задолжителното носење на маски во училиштата“, што го испратија до речиси сите институции.

Додека вакцинираните и прележаните се гласни за олеснување на мерките, децата на училиште молчат, а ги дисциплинираат како да се роботи. Дишат низ маски по седум часа, а освен тоа им земаат брисеви по случаен избор, им вперуваат топломер, седат на провев и не можат веќе да издржат, реагираат родителите.

Аргументот дека долготрајното носење маски е штетно по здравјето на учениците, тие го образложуваат во барањето испратено до Комисијата за заразни болести и до Министерството за здравство.

Континуираното носење маски е исклучително тешко по здравјето на нашите деца, особено што децата се приморани да носат и маски за време на часовите по физичко воспитување, спротивно на сите препораки од СЗО и експерти. Истото не е предвидено ниту во протоколот за работа во основните и средните училишта,но сепак истото се уште се практикува – се вели во барањето.

Доколку не им биде разгледано барањето, родителите велат дека ќе излезат на протести.