Онлајн наставата дава добри резултати

Успешно се реализира онлајн наставата во кумановските средни училишта. Директорите на стручните училишта посочуваат дека и при изведување на практичната настава се почитуваат пропишаните протоколи, а тоа го потврдуваат со податокот дека досега немало регистрирани случаи на заболени ученици од вирусот ковид-19. Што се однесува до просечниот успех на средношколците споредбено со истиот период минатата година кога наставата се изведуваше со физичко присуство, дел од надлежните велат дека годинава учениците постигнале подобри резултати.

-Резултатите оваа година се подобри  од минатата година, не многу поголем процент, но во секој случај успехот оваа година, ова тримесечје е подобро во однос на минатата година, дали можеби учениците беа заинтересирани бидејќи ова им е нешто ново преку компјутер да одговараат, да решаваат задачи, во секој случај резултатите се подобри. Овој начин на кој што сега одржуваме онлајн настава, ако споредиме со она кога ни се случи пандемијата далеку е подобар и наставниците и учениците малку повеќе се подготвија така што сега функционираме, изјави Весна Трајковска, директор на  „Киро Бурназ“

Како и во целата држава и во кумановските училишта мал број на ученици немаат техничка опрема за следење на онлајн настава, некои од нив, особено оние кои што живеат во руралните средини немаат интернет, но и со тие ученици наставниците работат, велат надлежните.

– Имаме кај нас ученици кои што фактички немаат можност да присуствуваат на настава, тоа се малку ученици навистина, ученици од села каде што немаат интернет и не можеме да им помогнеме со тоа што ќе им дадеме некое средство, таблет, лаптоп или било каков вид на помагало. Со тие ученици работиме така што класните раководители им носат материјал и потоа земаат од нив повратно тоа што го сработиле учениците. Тоа се мал број на ученици така што лесно можеме со нив да соработуваме, а онлајн наставата вака се одвива во ред. Се разбира секогаш има по некоја пречка, или интернетот некогаш е слаб, некогаш се случува да нема струја, но сето тоа го надминуваме, имаат разбирање и децата и наставниците кои што доколку во тој момент не можат да го одржат часот го презакажуваат  за подоцна, во целост наставата се одвива во нормален ред, изјави Трајковска.

– Ние имаме ИКТ опрема како техничко училиште значи немаме проблем со изведување на онлајн наставата и доопремено е со се што треба, камери и посовремени компјутери така што немаме проблем во таа насока. Практичната настава во нашето училиште исто така се одвива без никакви проблеми, доаѓаат учениците нема никаков застој, така што наставата е реализирана во целост. Имаме некои проблеми како и во целата наша држава со не можност за следење настава на ученици кои што немаат доволно ИКТ опрема. За таа цел ние направивме една акција во нашето училиште за социјално загрозените ученици да им помогнеме на некој начин во организација на професор Катерина Ѓорѓиевска и моја, нормално, собравме и стари телефони, стари компјутери,  средства за хигиена и облека, мислам дека успеавме во тоа. Нашите ученици што ни помагаат во опслужување на опремата ќе ги сервисираат тие петнаесетина компјутери, лап топ компјутери кои што се собрани како донација така што ќе ги доставиме на учениците кои што имаат проблем со ИКТ опрема за следење на онлајн настава, изјави Драган Јаневски, директор на „Наце Буѓони“

Директорот Јаневски посочува дека акцијата продолжува надевајќи се дека во наредниот период ќе помогнат на поголем број семејства во социјален ризик.

Коментари

коментар(и)