Прва самостојна изложба на Влатко Тасевски

16 дела од авторот Влатко Тасевски се поставени денеска во изложбениот салон на центарот за култура „Трајко Прокопиев“. На првата самостојна изложба на слики од 28- годишниот кумановец доминираат портрети.

– Најмногу се женски портрети со комбинирана техника – масло и акрил и со некои суреалистички делови на сликата. Мојата љубов и интерес кон уметноста започнува на доста рана возраст на пет-шест години, сликам скоро цел живот, но последниве неколку години се фокусирав да почнам нешто посериозно да се бавам со уметност.  Првото мое искуство беше пред година ипол-две на изложбата „Самоуки“ каде што се претставив со две слики, едната беше портрет, другата беше акт , двете беа масло на платно и беше баш пријатно. Тогаш Роберт ми даде идеја да направиме и една самостојна изложба. Имам уште дела, десет дела се во подготовка, се надевам дека во наредниот период ќе ги изложиме и тие, ќе направиме нова изложба со малку поразличен стил од оваа, бидејќи се уште се пронаоѓам себе си, се уште немам стил по кој би бил препознатлив, изјави Влатко Тасевски, автор на изложбата

Изложбата ја отвори историчарот на уметност Роберт Цветковски, потенцирајќи дека уште на неговото прво претставување на „Самоуки“ можело да се забележи дека станува збор за мошне талентиран автор кој што е на прагот да направи свој специфичен ликовен израз по кој ќе биде препознаен пошироко и од ликовните критичари и од ликовната публика.

-Авторот се уште професионално не се занимава со ликовната уметност, претежно се занимава со спорт, меѓутоа една од поважните работи за кои се интересира е сликарството и она што е карактеристично за него е неговиот интерес за портретното сликарство. Инаку, се интересира и за човечката анатомија и за животните, меѓутоа она што моментално му е во фокусот е портретната уметност. Се занимава со портретот, меѓутоа не го работи портретот само како некое негово видување од надворешна страна туку она што него го приближува кон професионалните ликовни уметници е самиот факт што кај самите портрети се обидува да навлезе малку во психолошката состојба на предметот кој што го претставува и можете да видите една галерија на портрети, повеќето се женски и се во една определена психолошка состојба и тоа Влатко умее да го види и да го претстави, рече Роберт Цветковски, историчар на уметност

Влатко е самоук уметник, смета дека уметноста е слобода и ако навистина сте посветени и работите на подобрување на вашата уметност секој ден, ќе ја постигнете вашата цел. Инспирација за сликањето црпи од секојдневниот живот.

Изложбата на слики од Тасевски ќе биде поставена до 25-ти месецов.

Коментари

коментар(и)