21 ученик со попреченост, со наод и мислење од стручна комисија и 23 кои се сметаат за ученици со потешкотии во наставата се образуваат во средните училишта, додека пак, 140 ученици со наод и мислење и 166 ученици со потешкотии во наставата се дел од кумановските основни училишта, информира раководителот на Секторот за образование Александар Јовановиќ.
Општина Куманово го поддржува инклузивниот процес кој е многу комплексен и долготраен, вели Јовановиќ, притоа потсетувајќи дека од минатата година функционира и Ресурсен центар во рамките на основното училиште „Браќа Миладиновци“, а Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори кој прави проценка на функционалноста на детето (МКФ) е лоциран во просториите на основното училиште „Вук Караџиќ“.
-Овие ученици се вклучени во редовната настава и доколку има одредено комисијата има за нив обезбедено и образовен асиситент, бидејќи личен асистент имаат само два ученика во средно училиште. Како општина куманово го подржуваме инклузивниот процес, што се однесува до инфраструктурните проблеми, дел ги решивме во центалните училишта, меѓутоа ги решаваме и во подрачните, станува збор за училишта кои се изградени многу поодамна кога инклузијата не била застапена, не е изградба како нови училишта што се градат сега по стандарди, значи ниту едно немаше ни пристапна рампа, ни тоалет, ни нагледни средства. ангажирани се образовни и лични асистенти, МКФ комисијата која е за Североисточниот плански регион лоцирана е веќе втора година во ООУ „Вук Караџиќ“, а претходно учениците мораа да одат во Скопје, сега е тука и ги охрабрувам родителите доколку имаат проблем да се обратат тука, изјави Александар Јовановиќ, раководител на Сектор за образование во општина Куманово.
„Општина Куманово интензивно соработува со невладините организации кои го поддржуваат инклузивниот процес, како што се здружението „Инклузива“, Специјална олимпијада Македонија, „Отворете ги прозорците“ од Скопје, Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори со кои реализиравме многу проекти“, посочува раководителот на Секторот за образование.
-Сега во петок, на шести октомври во ООУ „Толи Зордумис“ ќе се одржи обука, проект кој минатата година се реализираше преку Сектор за образование и Специјална олимпијада за инклузивни часови по физичко и здравствено образование, оваа година општина Куманово го презема овој проект преку Секторот за култура и спорт за да бидат вклучени учениците во дополнителни спортски активности со условно речено учениците од редовната настава, лани пионир беше училиштето „Кочо Рацин“ во кое се реализираа вакви часови, видовме голем напредок и задоволство и кај учениците и кај наставниците и кај родителите. Оваа година се вклучи и „Толи Зордумис“ и ги повикувам сите родители да се приклучат во овие часови бидејќи имаат можност учениците да спортуваат, да се дружат и да се социјализираат, а паралелно и да работат вежби за правилен раст и развој, изјави Јовановиќ.
Интенција на Општината преку Секторот за култура и спорт е овој проект да се прошири и во останатите училишта во Куманово, со цел во инклузивните спортски активности да бидат вклучени поголем број на ученици.