Од шест до осум милиони денари ќе одвои општината од буџетот следната година за ширење на гасоводната мрежа во Куманово. Периодов се работи на потегот кон малата индустриска зона во Доброшане. Целта е, велат надлежните, мрежата да навлезе во големите компании, но идни потрошувачи да бидат и домаќинставата од ова населено место. За изградба на оваа делница ќе се одвојат до пет милиони денари.
-За да развиете гасификација потребни се милионски средства, ние тие средства како град ги немаме, но во моментов она што е најбитно е, имаме поставено сопствена гасоводна мрежа до голем број на јавни корисници, јавни објекти, училишта и други јавни установи и продолжуваме со ширење на таа мрежа во рамки на нашите финансиски можности. Апелирам до граѓаните секаде каде што имаме поставено секундарна мрежа можат да обратат до ЈП „Куманово- гас“ да добијат информација за можноста за приклучок. Општината дава субвенција за субвенционирање на приклучокот, но, исто така да напоменам дека последните две години, од почнување на конфликотот во Украина дојде до енормно зголемување на цената на гасот и гасот стана непопуларен како гориво. Сега, во моментов цената е стабилизирана и повторно истиот е атрактивен за корисниците и прави големи заштеди и дополнително дава добар ефект во намалувањето на загадувањето во градот, информациите можат да се добијат во ЈП, а ние ќе продолжиме согласно изготвениот веќе и одобрен проект за градба на 70 километарска подземна инфраструктура за ширење на гасоводната мрежа. Следниот потег на кој што ќе работиме е гасификација на индустриската зона во Доброшане за да го прошириме кракот кон Доброшане и Вера Которка, а дополнително согласно следниот буџет за следната година повторно ќе предвидиме средства најмалку 6 до 8 милиони денари за ширење на нови краци, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на општина Куманово