Општина Куманово со демант до одредени невладини организации

Во однос на изнесените шпекулации и паушални изјави на одредени невладини организации за селективна распределба на средства од буџетот на Општина Куманово по национална, етничка или верска основа,истите целосно ги демантираме и отфрламе како неосновани, бидејќи настаните поддржани од Општина Куманово преку надлежниот Сектор, како и Фондацијата за култура и спорт се предвидени за сите граѓани на Куманово, без разлика на нивната етничка, верска, политичка или друга припадност. Програмите се усвојуваат од страна на Советот на Општина Куманово, кој исто така е со мултиетнички состав.

Сите културни настани организирани од албански граѓански здруженија, кои традиционално се одржуваат секоја година како дел од Програмата за културни манифестации, се застапени во Програмата и оваа година, помеѓу кои ги издвојуваме: Ден на просветни работници Албанци, Бајрамски заеднички Ифтар, Бајрамски концерт, Курбан Бајрам, Ден на албанска азбука, Ден на албанско знаме, Недела на албанска култура. При изготвување на Програмата се води сметка за правична застапеност на етничките заедници.

Дополнително до надлежниот Сектор при Општината, како и до Фондацијата за култура и спорт, континуирано пристигнуваат писмени барања од различни организации и друштва за логистичка и финансиска поддршка на настани, кои се поддржуваат согласно можностите, а неретко се вклучуваат во Програмата, независно од тоа дали зад организацијата стојат Македонци, Албанци, Роми, Срби, Турци, Власи, Бошњаци или претставници на други етнички заедници.

Финансиските средства планирани во буџетот на Општина Куманово согласно Програмата за културни манифестации ќе бидат распределени на јавен повик со јасни и прецизни критериуми за прераспределба на средствата, со што ќе биде целосно запазено буџетското начело за транспарентност, а на истиот јавен повик можат да се пријават здруженија на граѓани и фондации.

Во Општина Куманово нема простор за поделби по ниту еден основ, напротив ние градиме социјална кохезија и едно општество за сите, а тоа најдобро се отсликува преку негување на заедничките културни вредности, уметноста и традицијата на сите етнички заедници застапени на овие простори.

Пример за тоа се: Детскиот ликовен камп “АСНОМ”, Маскенбал “Батко Ѓорѓија”, мега концертите по повод големиот празник 11 Ноември, 11 Октомври, Фолклорна смотра, Победа над фашизмот и Ден на Европа, Ден на независноста на РСМ и многу други настани, кои се само дел од проектите во кои сите етнички заедници, деца и младинци од секое општинско училиште, сите културно- уметнички друштва и локални артисти, се дружат, се забавуваат, творат и негуваат соживот и заедништво.

Интегрално соопштение од општина Куманово

Коментари

коментар(и)