Во присуство на голем број православни верници вчера на празникот Крстовден, во село Долно Којнаре се одржа мало осветување на црквата Свети Спас. Чинот на осветување на иконите и оспособување на црквата за да се извршуваат богослужби, го изведе кумановско-осоговскиот митрополит Јосиф, во сослужение со свештениците од епархијата.
Новиот храм е изграден со средства на мештаните на Долно Којнаре, а со помош на донатори. Инаку на оваа локација, досега немаше црква.
-Ова е голем ден за населба Долно Којнаре, историски. После 100 години успеавме да направиме еден црковен храм. Пред две години во месната заедница формиравме црковен одбор и одлучивме да ја изградиме црквата Свети Спас. Со помош на Општина Куманово и МПЦ и жителите на месна заедница Долно Којнаре со донација ја изградивме оваа црква-наведе Зоран Петрушевски, претседател на месна заедница Долно Којнаре.
Градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски истакна дека негувањето на православната вера е најдобар пат за да се врати религијата и моралот кај граѓаните.
-Локалната самоуправа секогаш дава поддршка на граѓанските здруженија кои имаат иницијатива за изградба на храмови. Јас како човек од православна вероисповед учествувам во сите такви иницијативи и лично и како локална самоуправа. Во неколку цркви јас и моето семејство учествуваме со донации во рамки на нашите можности а локалната самоупрва помогна во решавање на комуналната инфраструктура да дојдеме до ова што денеска го гледате, осветлување, приодни патеки и она што е потребно за функцинирање на овој свет храм-наведе Зоран Дамјановски.
На прославата присуствуваа претставници на локалната самоуправа, директори на јавни установи, пратеници и бројни граѓани. Инаку на иницијатива на граѓанските здруженија и кумановско-осоговската епархија досега се изградени шест цркви во кумановско.