Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за определување мерки притвор и мерки за претпазливост во рамки на истрага против четири лица, за кои постои сомнение дека биле дел од злосторничко здружување со цел вршење кривични дела перење пари и изнуда, судија на претходна постапка, по нивното сослушување во присуство на нивните бранители, донесе решенија со кои ги прифати предлозите на јавниот обвинител, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
Според ОКСС, со решенијата, за осомничените Д.П. и М.К. е определена мерка притвор во траење до 30 дена, поради постоење на законските основи од член 165 став 1 точки 1, 2 и 3 од Законот за кривичната постапка, односно опасност од бегство, опасност од повторување или довршување на кривичното дело, како и опасност од попречување на истрагата со влијание врз сведоци. За осомничениот Л.К., прифатен е предлогот и е определена мерка куќен притвор, додека за осомничениот Д.Ж. се определени мерки за претпазливост, и тоа одземање на патната исправа и забрана за издавање нова патна исправа за преминување на државната граница. Со предлогот на Јавното обвинителство е опфатено и уште едно лице, кое во моментот е недостапно за органите на прогонот. Против донесените решенија странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.