Осум загинати лица во сообраќајни несреќи, 59 со тешки повреди, 237 со телесни повреди и голема материјална штета евидентираше Полициската станица од општа надлежност при СВР Куманово во текот на 2024 година. Во Куманово во текот на минатата година регистрирани се вкупно 469 сообраќајни незгоди.
Информацијата за превземени мерки и активности во текот на 2024 година на Полициска станица од општа надлежност Куманово на денешната седница на Советот ја презентираше Томислав Додевски, командир со наредба на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Од областа на криминалитетот, во 2024 година пријавени се 937 кривични дела по службена должност, а 807 по приватна тужба.
Како што соопшти командирот по наредба Додевски, 755 возачки дозволи одзела сообраќајната полиција во Куманово во текот на 2024 година, откако било утврдено дека возачите биле под дејство на алкохол, а вкупно биле напишани 17.681 казна во Куманово минатата година.
Поради утврдени нерегуларности, од сообраќај лани биле исклучени вкупно 565 возила, најголем дел од нив поради необновена регистрација до 30 и над 30 дена, како и технички неисправни возила.
Во текот на 2024 година биле извршени 34 контроли во угостителски објекти, а во полицијата биле пријавени 56 случаи на каснување од куче.
Видеото по вестите во 18 часот.