Отсекот за превенција при СВР Куманово, заедно со ИВЗ – Муфтиството Куманово организираше работен состанок со имамите на верските објекти од општините Куманово и Липково, посветен на претстојните прослави на 22 Ноември – Денот на албанската азбука и 28 Ноември – Денот на албанското знаме.
На состанокот биле договорени заеднички активности со цел празниците да поминат во мирна атмосфера и да бидат одбележани достоинствено, без нарушување на јавниот ред и мир, навреди врз основа на верска или национална припадност, говор на омраза и навреди кон други народи и државни институции.
Од страна на началникот на Отсекот за превенција м-р Лиле Младеновска и Муфтиството Куманово беше упатен апел до сите граѓани кои ќе учествуваат во прославите и манифестациите да се воздржат од какво било нарушување на јавниот ред и мир, како и од недолично однесување и поттикнување на такви постапки.
Посебен апел е упатен и до учесниците во сообраќајот, кои за време на прославите ќе се движат со возила, да овозможат нормален проток на сообраќајот, да не го попречуваат движењето на другите возила и да не предизвикуваат сообраќаен метеж.