ОУ „Христијан Карпош“ учествува во пет проекти

Тим од ученици и наставници од основното училиште Христијан Карпош, предводени од директорката Лидија Костиќ, денеска во општината пред првиот човек на градот, ги презентираа петте проекти од програмата Еразмус плус. Се работи за проекти кои се однесуваат на промоција и развој на вредности,  здрави животни навики, европска информативна мрежа, активно и ефективно учење во училиштето и  разводот на родителите како причина за психички проблеми кај децата. Тие на овие проекти активно работат веќе една година.  Програмата е финансирана од Европската комисија за развој на квалитет на образованието.

-Нашето училиште веќе втора година активно е вклучено во овие проекти и успешно се справуваме. Имаме многу активности кои веќе се реализирани но имаме активности кои допрва треба да се реализираат. Затоа сакам пошироката јавност да ја запознам со овие активности-истакна директорката.

Координаторот на проектот објасни дека училиштето работи на проект за поддршка за иновации, а останатите четири се за размена на добри практики.

-Задача на секој наставник е од своите ученици да креира општествно-одговорни граѓани на нашата заедница така и ние како наставници во 2016 година започнавме со работа кога се приклучивме во првиот проект, што донесе една нова димензија во наставата во нашето училиште. Оваа година продолжуваме со четири нови проекти кои вклучуваат меѓудругото размена на искуства преку учество на интернационални координативни средби и средби за обука и учење-посочи Ана Нојковска, координатор на проекти и професор по англиски јазик.

Рокот за реализација на овие проекти е до 2020-та година.  Досега наставниците од Христијан Карпош, заедно со учениците  беа во посета на Италија, Португалија, Романија и Турција, а во наредниот период ќе заминат и во Англија и Финска. Надлежните информираа дека и во наредниот период ќе продолжат да работат на вакви проекти, а се надеваат дека во нив активно ќе се вклучат и и останатите училишта од градот.

 

Коментари

коментар(и)