Двајца кумановци се повредени по опожарување на трактор со приколка натоварена со сено, информираат од Секторот за внатрешни работи Куманово.
Според полицијата, вчера во 17 часот било пријавено дека на место викано „Пчински пат“ бил опожарен трактор, при што има повредени лица. Увид на местото извршила екипа на СВР Куманово, при што било утврдено дека пожарот настанал во приколка натоварена со сено, прикачена на трактор кој бил во движење, при што приколката целосно изгорела, а пожарот се проширил на дел од нива во близина на патот засадена со житна култура, сопственост на 72-годишен кумановец. Во пожарот со лесни телесни повреди се здобило 46-годишно лице, констатирани во Општа болница во Куманово, а неговиот татко на возраст од 69 години се здобил со тешки телесни повреди и бил препратен за понатамошно лекување во Центар за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје.