11 лица се повредени во сообраќајна незгода што се случила вчеравечер во Куманово.
Според надлежните од Општа болница Куманово, сите лица се со лесни телесни повреди.
„Кај еден повреден направена е и компјутерска снимка, но и кај него од лекарите констатирани се лесни телесни повреди. По опсервација, пациентот е пуштен на домашно лекување“, изјави д-р Стефан Трајановски, директор на Општа болница Куманово.

Според МВР, на 23.09.2024 год. околу 22.20 часот во СВР Куманово било пријавено дека на крстосница од регионален пат Куманово- Свети Николе и булеварот „Трета МУБ“ се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „форд“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од А.Ѓ. (21) од Куманово и возило комбе „фолксваген крафтер“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од М.Т. (53) од Свети Николе, по што возилото „форд“ удрило во запрено патничко возило „волво“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Ф.Д (35) од Куманово. Во незгодата со телесни повреди се здобиле возачите А.Ѓ. и М.Т. и девет сопатници од возилото „крафтер“ , констатирани во болницата во Куманово.
Увид на местото на незгодата извршила екипа од СВР Куманово, соопшти МВР.