Последен ден од предизборната кампања, ЗНАМ и СДСМ вечерва ќе ги претстават програмите во Куманово

Денеска е последниот ден од изборната кампања пред одржувањето на првиот круг на претстојните локални избори, што треба да се одржи в недела на 19 октомври.

Ноќеска на полноќ почнува изборниот молк, пред одржувањето на првиот круг на претстојните локални избори в недела, 19 октомври. Молкот ќе трае до завршувањето на изборите. Од понеделник 20 октомври ќе почне кампања за оние општини каде нема да биде избран градоначалник во првиот изборен круг.

Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија вечерва (петок) организира завршен митинг на кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски и кандидатската советничка листа на Куманово предводена од Ивана Ѓорѓиевска, во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ со почеток во 18 часот.

СДСМ и коалицијата, исто така вечерва во Куманово ќе ја претстават својата програма за претстојните локални избори. Караванот „Се бориме за нашиот дом“ ќе се одржи на градскиот плоштад со почеток во 20 часот, каде што пред присутните ќе се обратат кандидатот за градоначалник на Куманово Мартин Костовски и носителот на листата на кандидати за советници од СДСМ и Коалицијата Томица Илиќ.