Најдобрите полицаец и пожарникар за 2021-та година се Далибор Станојковиќ, полициски службеник во Полициска станица од општа надлежност и Игњат Наковски, пожарникар-спасител во Територијалната противпожарна единица Куманово.
Општина Куманово и годинава традиционално ги додели признанијата за најуспешните.
„Куманово треба да биде безбеден град и ние тежнееме кон тоа“, рече во своето обраќање градоначалникот Максим Димитриевски, потенцирајќи дека треба да се почитува системот за напредување во кариерата.
-Мојата порака првин до граѓаните е да си го чуваме нашиот град за да бидеме многу поодговорни, а истите луѓе кои што работат во овие институции како професионалци да имаат многу помалку работа. Не сакам да се повтори 2021-та од аспект на пожарите кои што ги имавме кои што беа незапомнети за овие простори, а секако на пожарникарите им посакувам што помалку работа, секогаш да бидат подготвени, ние како општина ќе се потрудиме да работиме на повисоко ниво на опременост, како што тоа го правевме и до сега. Во однос на полициската станица од општа надлежност и сите полицајци кои што посветено работат во градот сакам да испратам порака да нивното ниво на професионалност биде ставено на максимум, а многу помалку да се занимаваат со споредни работи. Она што по мене е битно е Куманово треба да биде безбеден град и ние тежнееме кон тоа и секако во вакви прилики да се оддаде вистинско признание на вистинските професионалци, да се почитува системот за напредување во кариера и овие два примери денеска се само позитивен пример како треба да продолжиме да ги истакнуваме поединците кои што се имаат докажано во рамките на своите активности, изјави Максим Димитриевски, градоначалинк на општина Куманово
Полицискиот службеник Далибор Станојковиќ кој веќе 17 години е вработен во СВР Куманово истакна дека признанието го добива како резултат на успешна долгогодишна работа и посветеност на своите професионални обврски.
-Во МВР работам 17 години. Голема благодарност до старешините од СВР Куманово кои ме прогласија за најдобар полицаец, благодарност до полициските службеници, а најголема благодарност и до колегите кои работат со мене во цивилна облека во стил на алфа единица за сузбивање на организиран криминал, како тешки кражби, разбојништа, нелегална трговија со дрога и други активности. Наградата ја добивам како резултат на долгогодишна работа и ангажирање, извршување на редовни задачи. Годинава беше успешна по однос на реализираните дела, изјави Далибор Станојковиќ, најдобар полицаец за 2021
Пожарникарството е хумана и тимска работа, истакна најдобриот пожарникар за годинава, Игњат Наковски.
-Оваа година доста работевме, пред се благодарност до колегите бидејќи ние тимски работиме, имам голема поддршка од нив. Годинава ја одбележаа пожарите што се случија летово во атарот на селото Довезенце, Јачинце, Бељаковце. Во Територијалната противпожарна единица Куманово сум седум години. Професијата пожарникар е добра професија со многу адреналин, изјави Игњат Наковски, најдобар пожарникар за 2021
Традиционално, најуспешните полицаец и пожарникар за 2021-та добија пригодни подароци од општина Куманово.

