Продолжен рокот за субвенции за комуналии

Поради зголемениот интерес на граѓаните на Општина Куманово за користење на мерката за Субвенционирање на трошоци за комунални услуги за 2022 година (која вклучува покривање на трошоци за потрошена вода за пиење до 900 денари, како и покривање на трошоци за изнесување на смет до 300 денари),Општина Куманово одлучи да го продолжи рокот за поднесување на барања за остварување на ова право.

Сите заинтересирани лица,  можат да поднесат барање до 07-ми март.

Право на субвенционирање на трошоци за комунални услуги ќе можат да остварат лица кои имаат статус на:

-Самохрани родители кои живеат на територија на Општина Куманово, односно родители кои сами ги извршуваат родителските права и должности за детето, поради тоа што другиот родител е непознат, починат, исчезнат или од оправдани причини привремено или трајно не ги извршува родителските права и должности (до 18– годишна возраст на детето или до 26– годишна возраст доколку го продолжило своето образование, како и деца со попреченост до 26– годишна возраст доколку се надвор од образовниот процес);

-Стечајни работници кои живеат на територија на Општина Куманово, а кои не стекнале право на материјално обезбедување согласно Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата

–Згрижувачки семејства кои живеат на територија на Општина Куманово што подразбира згрижување во семејство и 24– часовна  грижа за деца, кои немаат свое семејство или немаат услови за живот во сопствено семејство;

–Деца без родители и родителска грижа кои живеат на територија на Општина Куманово, односно лице кое до 18– годишна возраст имало статус на дете без родители и без родителска грижа, односно по престанување на старателство, а најмногу до 26– годишна возраст;

– Надоместок заради попреченост – можат да остварат лица кои живеат на територија на Општина Куманово, со навршени 26 години возраст, најдоцна до 65–годишна возраст, односно лица со:

  1. тешка или длабока интелектуална попреченост,
  2. најтешка телесна попреченост,
  3. потполно слепо лице и
  4. потполно глуво лице

– Примател на право на социјална сигурност за стари лица, односно лице со навршени 65 години возраст  и

– Корисници на гарантирана минимална помош, материјално и станбено необезбедени, кои живеат на територија на Општина Куманово (лица кои живеат под кирија).

Барањата можат да се подигнат во архивата на Општина Куманово, на портирница во зградата на поранешен АД „Козјак“ спроти градскиот стадион или во канцеларија бр.17 (Одделение за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита).

Барањата заедно со потребната документација се доставуваат до архива на Општина Куманово, најдоцна до 07-ми март.

 

 

Коментари

коментар(и)