Продолжуваат ископувањата на локалитетот Градиште

Продолжуваат археолошките ископувања на локалитетот Градиште во близина на селото Младо Нагоричане, поточно покрај магистралниот пат Куманово-Крива Паланка. Истражувањата кои започнаа минатата година со финансиска поддршка на Министерството за култура, покажаа дека се работи за многу значaен и интересен локалитет, кој што е прв од ваков вид во регионот. Според археолозите се работи за град од раноантичкиот период односно од 4-ти или 3-ти век пред новата ера. Градот имал свои издигнувања и падови, но најголемото оштетување го доживеал на почетокот на 3-ти век со инвазијата на Келтите од Западна Европа.

-Она што го уништиле Келтите ние што го откриваме во рушевини сведочи за една многу високо развиена култура, претпоставуваме пајонска која што егзистирала на овие простори во текот на железното време и во рано античкиот период, значи тоа е култура која што тука постоела пред овој простор да биде под административната власт на Античка Македонија-изјави археологот, Марјан Јованов.

Археолозите се уште немаат никакви информација за името на градот, но претпоставуваат дека оваа територија била населена од пајонското племе Агријани, кои што се познати по својата борбеност и битките кои ги воделе за Александар Македонски.

-Иако денес делува дека е далеку од сите патишта, од сите цивилизациски точки, ова било некогаш многу прометно место. Дури има и едни историски моменти кои може да ни укажат дека дури и Александар Македнски поминувајќи на својот пат кон Дунав поминал низ овие региони, всушност на враќање од тоа негово патешествие поминал во близина на овој град-додаде тој.

Професорот Јованов наведе дека годинава за разлика од лани истражувањата се во помал обем.

-Се обидуваме да работиме 20-ина дена но и во отежнати временски прилики, работата не оди баш така бргу. Но можеме да сфатиме од она што е откриено, од она што се гледа како остаток на терен дека овде има уште многу работа која ќе резултира со откривање на многу значен археолошки пункт-изјави Јованов.

Инаку археолозите се надеваат дека овој локалитет во иднина може да прерасне во туристички пункт.

 

 

 

 

Коментари

коментар(и)