Продолжува чистењето на коритото на Кумановка

Продолжува расчистувањето на речното корито на Кумановка, покрај кејот. Коритото на Кумановка делумно беше исчистено изминатиов период, по што дел од граѓаните кои живеат во населбите долж течението на реката, повторно фрлаа смет во реката. Општина Куманово во средината на октомври, склучи договор со компанија по претходно објавен тендер за расчистување на диви депонии на територија на општината и чистење на речните корита на реките Којнарка, Липковка, Кумановка и Крива река на територија на општина Куманово и диви депонии. Вредноста на склучениот договор е речиси четири милиони денари. Екологистите, пак сметаат дека има решение, кое не вклучува постојано трошење на ресурси на проблем кој се повторува. Тие предложија да се формира специјална бригада која ќе оперира на подрачјето покрај речното корито, редовно изнесување на смет, неколку пати во неделата и поставување на големи садови покрај течението на реката.

Коментари

коментар(и)