Промовиран романот „Ние сме лудаци“ на Кокаланов

„Ние сме лудаци“ е насловот на политичко сатиричниот роман на авторот Сашо Кокаланов, кој синоќа беше промовиран во градската библиотека Тане Георгиевски.  Жанрот е инспириран од општественото секојдневие, а е во издание на издавачката куќа Или-или. Кокаланов истакна дека во македонската нова современа литература нема многу ракописи кои се занимаваат со сатира, па затоа се надева дека неговиот роман ќе биде поттик и за останатите.

-Насловот знам дека провоцира внимание, знам и кои се првите асоцијации кај луѓето и првото прашање дали е ова некаква биографија или автобиографија на еден поранешен висок владин функционер, не ова е роман, фикција со фиктивни ликови но сместен е во една наша македонска стварност се користи со постапките кои ги има во делото Алиса во земјата на чудата-посочи тој.

Книгата пред кумановци ја промовираа писателката Оливера Ќорвезироска, новинарот Звездан Георгиевски и драмскиот писател Сашко Насев.

-Ова е негов четврти роман меѓутоа е уште поважно за сите нас затоа што го чекавме долго да напише нешто, што не е колумна, драмски текст и еве го Кокаланов со својот роман  кој што е политичко сатиричен но тоа е малку да се каже за овој роман, исклучително, трендовски, актуелен, има моменти, но со книжевни вредности кои што имаат универзална димензија, може да го читате сега, секогаш, како секоја добра книга-посочи Ќорвезироска.

Сашо Кокаланов е новинар, драматург и романсиер. Роден е, работи и живее во Скопје, каде што дипломирал новинарство. Пишува сатира и колумни за повеќе медиуми.  Автор е на три романи „Самецот“, „Ноќ на железничката станица во Розендал“  и „Изабела, Исмаела и јас“ .

 

 

 

Коментари

коментар(и)