Прослава за мини матуранти во „ Развигорче“

Во чест на 80 –те мини матуранти кои што во септември ќе седнат во училишните клупи, денеска во објектот „Развигорче“  на детската градинка „Ангел Шајче“  се организираше прослава насловена „Мини забава за мини матуранти“. Воедно,  ова е првата забава за децата од големите групи во осумте објекти на градинката и центрите за ран детски развој, информира директорката Марина Алексовска.

-Оваа манифестација ја организираме уште од далечната 2005-та година и ние сме единствена градинка во Македонија која што прави ваков хепенинг заедно со децата, родителите и вработените. Големо е задоволството децата да ги видиме големи , тргнуваат во јаслена група и чекор по чекор  доаѓаат до  моментот кога се разделат од градинката каде што стекнале многу другарчиња, знаења, вештини, умеења, способности , изјави Марина Алексовска, директор на градинка „Ангел Шајче “

Мини матурантите од „Развигорче“  годинава се од две воспитни групи. Среќно поаѓање на училиште денеска преку игра, песна и рецитали им посакаа сите дечиња кои што престојуваат во градинката, од друга страна пак тие од своите другарчиња, мини матурантите добија широки насмевки и неизмерна радост.

-Во приредбата учествуваа сите, најголема улога имаа дечињата, но и нивните учителки, родители кои што се вклучија да го уредат просторот. Дечињата во градинка некои поаѓаат уште од јаслена возраст,  потоа поминуваат постепено по возрасни групи. Во градинка тие се здобиваат со многу знаења кои од тука ќе ги понесат на училиште и се надеваме дека ќе бидат добри ученици и добри луѓе, изјави Јадранка Петрушевска, одговорен воспитувач во „Развигорче“

Традиционално пред крајот на приредбата мини матураните ги фрлаат своите капи високо во воздух, а се сече и мини матурантската торта.

Забава за мини матурантите ќе се организира и во останатите објекти на „Ангел Шајче“. Утре ќе прославуваат дечињата од објектот „Пчелка“ .

Коментари

коментар(и)