Протестираа волонтерите од Општата болница

Волонтери кои со години работат во кумановската болница, некои дури по 13, незадоволни што се уште нема решение за нивниот статус, денеска  излегоа на протест во дворот на болницата. Раскажуваат дека иако извршуваат иста работа како останатите вработени, не им се плаќа стаж, туку надомест од само 3.900 денари. Велат дека работат и во ноќни смени, вршат дежурства во недели и празници, дури и по 12 часа, надевајќи се дека еден ден ќе се вработат и дека овој ангажман ќе им донесе заработувачка. Додаваат дека надлежните постојано им ветуваат дека ќе се реши овој проблем, но не знаат кога ќе се случи тоа.

-Зошто во Куманово во Општа Болница нема решенија за волонтери. Работиме со години сите си ја вршиме својата работа како што треба меѓутоа до ден денес велат ќе земете за недела,  две  до Скопје е до нас е, ние не знаеме каде и до што да се обратиме.  Затоа се собравме тука да ни кажат дали од Скопје од министерство, дали од тука, што е проблемот за да и ние почнеме да работиме и да земаме редовно плата, како сите, јас мислам дека Куманово се наоѓа во Македонија-наведе една волонтерка.

 

Тие додаваат дека во ваква неизвесност се дури 100 лица, но само дел од нив собраа храброст да излезат и да зборуваат за проблемот со кој се соочуваат и да прашаат кој ја кочи работата.

 

Иако волонтерите по протестот се обидоа да разговараат со директорот на Општата болница, Ариф Љатифи, тој не ги прими и им порача да се вратат на своите работни места. Љатифи изјави дека очекува за брзо време да се реши статусот на овие болничари, хигиеничари, медицински сестри и тројца доктори по општа медицина.           

-Во Министерството за здравство веќе е поминато, имаме позитивна одлука, за нивна трансформација во редовен работен однос, односно трансформација на нивните волонтерски во редовни договори. Во фондот исто така помина, чекаме од Министерство за финансии, мислам дека  овие денови ќе се заврши оваа работа.  Решението од министерството е за сите, ќе добијат решение-наведе тој.

Волонтерите истакнаа дека доколку наскоро не се реши нивниот статус, повторно ќе продолжат со протестите, а планираат да одржат собир и пред Министерството за здравство, од каде што ќе бараат состанок со министерот Никола Тодоров.

Коментари

коментар(и)