Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов на настанот по повод јубилејот – 15 години од постоењето на АХВ и 7 Јуни, Светскиот ден на безбедноста на храната истакна дека минатата година АХВ ја заокружи со спроведени над 47.200 надзори, а за утврдените прекршоци изрече 6.770 инспекциски мерки.
-Во 2024 и 2025 година ги интензивиравме инспекциските контроли на домашното производство, прометот и увозот на храна. Не дозволивме на домашниот пазар и на трпезите на граѓаните да се пласираат повеќе од 80 тони храна од неживотинско потекло, од домашно производство и од увоз, како и над 287 тони храна од животинско потекло. Како не безбедни од граничните премини вративме 16 пратки со храна од животинско потекло, а не штетно уништивме три пратки. Дополнително, забранети се девет пратки на храна од не животинско потекло и уништени се 90 тони храна од не животинско потекло од увоз, информира Миланов.