Сертификати за завршена обука за занаети добија невработените

Центарот за вработување Куманово денеска на дванаесет невработени лица им додели сертификати за успешно завршена обука за занаети, рачно и машинско везење. Тие изминативе три месеци следеле обука во две сертифицирани спроведувачи на обуки, работодавачи од соодветна занаетчиска дејност, регистрирани преку занаетчиската комора.

-Невработените, активни баратели на работа аплицираа за следење на оваа обука, а меѓу главните критериуми беше нивната заинтересираност да се обучат за оваа дејност. Се надевам дека ќе им користи полесно да се снајдат на пазарот на трудот-изјави раководителот на Центарот за вработување Куманово, Марија Димитриевски.

Меѓу невработени лица, кои успешно ја завршиле обуката е и Тијана Ристевска од Куманово, која ги повика кумановци  да се вклучат во ваквите активности, со кои ќе ја збогатат својата биографија. Обучувачите од занаетчиските работилници, Таница Евфремовска и Анкица Јаќимовиќ велат дека во оваа дејност секогаш има побарување од овие кадри кои се барани на пазарот на трудот.

Лицата кои денеска добија сертификати, можат да аплицираат и за други мерки од Оперативниот план за вработување на Владата на Р.Македонија, вклучително и мерката самовработување.

 

 

Коментари

коментар(и)